Фото: З.А

Село Свињишта, Кичевско, познато по изворите со минерална вода, последниве шест години мака мачи со свлечиштето што се појави на патот низ селото и кое оневозможи движење на моторни возила и запрежни коли во делот од патот кој води до изворите со минерална вода и шумата во ова село. По неколку обиди и барања до општина Кичево да се побара санација на свлечиштето не вродија со плод, но годинава се чини ќе му дојде крајот на овој проблем на свињиштани и сите оние кои ја користат минералната вода од селските извори, бидејќи одлуката помина на Совет, а ветување има и од самиот градоначалник.

– По шест години откако се појави свлечиште на патот низ село Свињишта, конечно ќе се реши овој проблем со санација на свлечиштето и оспособување на патот низ селото по целата негова должина. На една од претходните седници на Советот на општина Кичево побаравме час поскоро да се разреши овој проблем и на наше задоволство барањето помина а градоначалникот Дехари даде цврсто ветување дека во наредните неколку месеци овој проблем конечно ќе биде надминат. Да се надеваме и да очекуваме дека ветувањето на првиот човек на општинската администрација во целост ќе се имплементира – истакна Игор Стојаноски советник во ЕЛС Кичево.

Оваа информација со задоволство ја прифатија жителите на селото како и сите оние кои чество се наоѓаат крај изворите со минерална вода во ова село.

– Во изминатите години имавме големи проблеми со свлечиштето да наполниме вода за подолг период. Ако навистина се реализира ова ветување и се санира патот, ќе можеме како порано со автомобил да дојдеме до самите извори и да наполниме минерална вода во поголеми количини – вели Аце Стојаноски чест посетител на минералните извори.З.А.