Фото: З.А.

Ако до пред две децении кај младите од Кичево и Кичевско постоеше барем мал интерес за да го научат казанџискиот занает, последните неколку години кога, се интензивира заминувањето во странство, интересот за овој занает целосно замре. Не само што нема интерес кај младите за казанџиството, туку воопшто немаат желба ниту да научат барем одредени етапи од овој занает, вели последниот кичевски казанџија Коста Галиманоски.

– По моето престанување со казанџискиот занает, оваа традиција во нашиот град, повеќе од сигурно, нема кој да ја продолжи. Младите од градот и регионот немаат апсолутно никаков интерес за одреден занает и единствена цел им е час поскоро да ја напуштат земјава и да заминат во некоја од западноевропските земји или во дел од екс југословенските држави, Словенија или Хрватска. Нивното размислување оди во насока да работат кај други работодавачи и на тој начин да заработат за поубав живот, а не ги интересира самите да создаваат и да креираат одредени предмети. Колку и да се трудам на голем број млади да им ја раскажам розовата приказна за овој занает, сепак тие немаат ни желба да послушаат, а камоли да се вклучат во изучување на овој преубав занает – вели последниот кичевски казанџија, кој немајќи доволно предмети за работа од областа на казанџиството, работи и други занаетчиски работи кои во меѓувреме ги совладал.

Неговиот син покажува умерен интерес за казанџиството и често може да се забележи во дуќанот, како му помага на својот татко, но тој себеси се гледа во информатиката која моментно ја студира.

Слична е состојбата и со останатите занаети, па крајно време е државата да ги субвенционира за да не дојде до нивно целосно замирање, оти во спротивно сите занаети ќе ја доживеат истата судбина. З.А.