Фото: З.А.

Со третиот натпревар во рамките на „Боила купот Кичево – 2023“, заврши сезоната на спортско-риболовни натпревари на Осломејско Езеро. На третиот крапски натпревар одржан на оваа акумулација, првото место го освои екипата на Тони Солар од Битола, второто место му припадна на тимот на СТ Тим од Скопје, додека на трето место се пласира виничкиот клуб Манџа и мед. Како и на претходните натпревари, успешен организатор беше риболовниот клуб Хантер фиш од Кичево.

– Со учество на 11 екипи, во изминатите три дена на Осломејско Езеро се одржа третиот и последен крапски риболовен натпревар „Боила куп Кичево – 2023“, на кој екипата на Тони солар од Битола со уловена количина од 126,56 килограми го освои првото место, второто место му припадна на тимот СТ Тим од Скопје со вкупен улов од 96,46 килограми, додека третото место го освои тимот Манџа и мед од Виница кој имаше вкупен улов од 63,38 килограми. На овој крапски-риболовен натпревар вкупната уловена риба имаше тежина од 544,38 килограми, додека најкрупниот уловен примерок на крап го имаше риболовец од шампионската екипа на Тони солар со тежина од 11,98 килограми, што беше воедно и најтежок поединечен примерок уловен на Осломејско Езеро во трите натпревари од „Боила купот“ – истакна Бесмир Елези, претседател на СРД Хантер фиш од Кичево.

Тој потсети дека за најдобропласираните екипи на овој натпревар следуваа награди. За освоеното прво место екипата од Битола освои 250 евра, второпласираниот состав СТ Тим од Скопје освои 150 евра, додека третопласираната екипа Манџа и мед освои 100 евра, како и риболовецот што го имаше најкрупниот примерок на крап. И покрај дождливото време во еден период од натпреварот, сепак учесниците на овој натпревар презадоволни го напуштија Осломејско Езеро и најавија учество и на идните натпревари во рамките на „Боила купот“. З.А.