Фото: Пиксабеј

Заврши ловната сезона на крупен дивеч во земјава, а ловечките друштва ги сублимираат резултатите остварени во текот на оваа ловна сезона, која според нивните биланси е најслаба во споредба со претходните три-четири години. Како што сами наведуваат, лошата година се должи на болестите што го зафатија дивечот, а се однесува на свинската чума и трихинелозата. Се смета дека една третина од уловениот дивеч бил болен од една од овие две болести, што го потврдија и анализите кои се извршија во Скопје.

– Оваа ловна сезона ќе биде забележана како една од најслабите споредена со претходните неколку години. За неповолниот биланс на ловџиите во Кичевско-Бродскиот регион, причина се болестите свинска чума и трихинелоза кои зафатија поголем дел од дивечот чие месо не смееше да се консумире се додека не се добиеја резултати од анализите вршени во Скопје. Можам слободно да кажам дека над 30 проценти од уловениот дивеч беше заразен со една од овие две болести што автоматски значеше и негово отстранување од менито на ловџиите. Беше сугерирано наместо повозрасниот дивеч да се ловат помладите свињи и подмалодокот кои се и главни причинители на зараза на дивечот. Со оваа селекција на улов за наредните години се надеваме, дека болните ќе бидат, ако ништо повеќе, барем драстично намалени – истакна Даме Петрески, догогодишен член на ловечкото друштво „Ловец“ од Кичево.

Ловџиите наведуваат, дека и денес во шумите можат да се најдат мртви примероци диви свињи, кои претходно биле заразени со една од овие заразни болести.

З.А.