Фото: З.А

На две недели пред највеселата ноќ најдолговечниот Дедо Мраз со својата санка пристигна во Кичево и со многуте подароци се лоцира во средиштето на градот, каде што ќе остане до крајот на оваа календарска година. Тој со својот типичен дедомразовски глас ќе ги мами најмладите жители од градот да му пријдат да се дружат и да се фотографираат во неговите прегратки.

Фото: З.А

– Повеќе од три децении другарувам со најмладите од градот и им ја разубавувам Новата година. Дечињата најпрво со недоверба ми приоѓаат но кога ќе забележат дека сум најсаканиот дедо на светот се смируваат и на крај средбата ќе ја завршиме со една убава заедничка фотографија – вели Михајло Петрески, кој се соживеал со улогата на Дедо Мраз и се потсетува на годините поминати во оваа улога.

– Годините брзо минуваат. Како вчера да беше кога за прв пат се најдов во улогата на Дедо Мраз, а оттогаш поминаа повеќе од три децении. За овој период ме врзуваат безброј убави спомени од средбите со децата, нивните карактери и пристап кој го имаат кон мене. Интересно е тоа што тие немаат претстава кој сум јас и дека и во преостанатиот дел од годината сум нивен сограѓанин кој често го среќаваат на улица, а не оној што го гледаат овие денови во сосема друга дедомразовска улога – додава кичевскиот Дедо Мраз кој по малку е разочаран што во последните години ја нема белата снежна покривка, која е препознатлив знак за Новата година и Дедо Мраз.

Во пресрет на Новата година кочевскиот Дедо Мраз најави посета на повеќе училишта во градот, кога на учениците ќе им подари новогодишни пакетчиња.

З.А