фото: Зоран Антоски

Божиќниот базар, кој по трет пат се одржува во Кичево, масовно е посетен од жителите на градот, и секоја вечер на градскиот плоштад голем број граѓани се присутни на базарот, уживаат во топлите пијалоци или во некој од подготвените кулинарски специјалитети, додека децата се најмногу преокупирани со рингишпилот и малото вовче.

Организаторите на базарот се исклучително задоволни од посетата на истиот и потврдуваат дека базарот во целост ги оправда очекувањата.

– Една од добрите работи што му се случува на Кичево околу Новата година е токму Божиќниот базар, кој од 2 до 9 јануари се одржува на градскиот плоштад. Најдобар доказ дека базарот во целост го оправда своето постоење е бројноста на посетители, кои секоја вечер се наоѓаат на градскиот плоштад и уживаат во понудените пијалоци, вкусната храна и останатите забави. Наредните денови базарот ќе биде збогатен и со настап на повеќемина познати пеачи од градот, а свое учество на истиот ќе земат и фолклорните ансамбли од градот. Времето им оди во прилог на посетителите, бидејќи и во наредните денови не се очекуваат врнежи од дожд или снег, што очекуваме да придонесе посетата на базарот да биде многу голема – истакна Михајло Петрески, еден од редовните учесници на овој базар во изминатите три сезони.

З.А.