„Битолски весник“, најстариот локален печатен медиум не само во Битола, туку и во државата, денес, сабота на 29 април, го одбележува својот голем и редок јубилеј, 59 години од излегувањето на првиот број и ќе почне да ги испишува првите страници од 60 годишнината на своето постоење.

Пред точно 59 години, на 29 април, во далечната 1964 година, во предвечерјето на Празникот на трудот, 1 Мај, благодарение на група ентузијасти и љубители на пишаниот збор, на чело со првиот главен и одговорен уредник Владо Ласковски го издадоа првиот број на Битолски весник.

Оттогаш цели 59 години „Битолски весник“ секоја среда непрекинато се наоѓа во рацете на бројните читатели во Битола.

„Битолски весник“ е без сомнение единствениот локален весник во Република Македонија, кој успешно опстојува цели 59 години во медиумскиот простор на печатените медиуми во Македонија.

Тој е весник кој во сите измнати 59 години немал ниту една недела прекин.
„Битолски весник“ е вистински хроничар не само за настаните од Битола и Регионот туку и бренд на градот.
За „Битолски весник“ велат дека е сведок и хроничар на Битола. Некои велат дека тој е Битолски Пиреј. Трети велат дека е колективна меморија на градот под Пелистер.
Има и такви кои велат дека е Првиот буквар на Битола, а во една прилика професорот по новинарство, Тоци Груевски изјави дека е Светилник на Битолското и Македонското печатено новинарство.

Многумина со „Битолски весник“ другаруваа(т) од својата најмала возраст, од училишните клупи, па се до пензионирањето.
Во изминатите 59 години „Битолски весник“ минувал низ бројни и тешки искушенија, но ниту во еден момент било доведено во прашањето редовното излегување на Весникот.

Водени од девизата секогаш ПРОСТУМ, „Битолски весник“ паѓаше, но и се креваше како Феникс од пепелта, но секогаш редовно излегуваше дури и тогаш кога сите вработени поради корона вирусот беа во изолација.

„Битолски весник“ денес, 29 април, кога влегува во својата шеста децениска историја, почнува да ја испишува историјата на Битола во јубилејната 60 годишнина, која ќе биде одбележана на 29 април идната 2024 година.

М.М.