Фото: Културен центар „Иван Михајлов“ / Фејсбук

Во Битола и натаму централна тема на чаршиските и секојдневните муабети на Широк Сокак е кој е човекот што ја потпали влезната врата на културниот центар „Ванчо
Михајлов“ во строгиот центар на градот, во раните утрински часови во саботата.

Неколку дена по немилиот настан, што не само од страна на властите на Бугарија и Македонија беше осуден и оценет како вандалски чин, што имаше за цел да ги влоши и така затегнатите односи меѓу Бугарија и Македонија, туку беше  осуден од целокупната битолска јавност, сѐ уште не е откриен сторителот што го предизвикал пожарот.

И покрај сите наши настојувања од СВР Битола да дознаеме до каде е истрагата за лицето што го предизвикало пожарот, сепак не успеавме да дознаеме ништо повеќе од она што е вообичаено во вакви ситуации, односно дека интензивно се трага по сторителот.

– Засега нема никакви информации кои би ги споделиле со јавноста. Единствено што можам во овој момент да кажам е дека СВР Битола интензивно работи на
расветлување на случајот и доколку има нови моменти јавноста ќе биде информирана, ни изјави портпаролката на СВР Битола – Сања Стаматова.

Според неофицијални информации, на информативен разговор се повикани
повеќе лица кои би можеле да помогнат во расветлување на случајот. Засега владее молк и за шпекулациите дека човекот што го предизвикал пожарот наводно се повредил и дека сигурно барал лекарска интервенција. Од битолската Клиничка болница не сакаат да даваат никакви информации. Нема нови детали ни од Противпожарната единица во Битола што интервенираше во гаснењето на пожарот.

Битолчани инсистираат на брза и ефикасна истрага, особено во ситуација во која бугарски политичари изнесуваат наводни детали за идентитетот на сторителот, како и дека дошол на велосипед и со покриен лик.  М.М.