Во пресрет на утрешниот 2 април, Светскиот ден на свесноста за аутизмот, во општина Битола се одржа работилница, на која беше претставен Центарот за поддршка на учењето и инклузивното образование на децата со попреченост.

На работилницата учествуваа претставници на Центарот за поддршка на учењето и инклузивното образование на децата со попреченост, дел од основните училишта во чии инклузивни тимови се вклучени специјални едукатори и рехабилитатори од Центарот, Општински совет за социјална заштита, службата за ментално здравје при ЈЗУ Клиничка болница, како и претставници од невладиниот сектор.

Во своето обраќање, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски истакна дека со формирањето на Центарот за поддршка на учењето и инклузивното образование на децата со попреченост, има можност за вклучување на овие деца во редовниот образовен систем и целосна бесплатна рехабилитација.

-За да се постигнат таквите резултати и да се достигне максимумот кај секој поединец, секако, потребна е навремена детекција, образование и рехабилитација, во соодветни услови и со соодветен стручен тим.Општина Битола, преку програмата за социјална заштита, но и во постојана координација со стручните служби, продолжува да биде поддржувач на работата на Центарот за поддршка на учењето на децата со попреченост, кој е пример во државата за успешна имплементација на инклузивното образование. Синхронизираното делување со општинскиот совет за социјална заштита и сите останати институции, установи и експерти од оваа област, очекувам да резултира со значајни промени, не само во делот на образованието, туку и во стекнувањето на вештини за вработување на учениците со попреченост и обезбедувањето на нивна поддршка за независно живеење – рече градоначалникот Тони Коњановски.

М.М.