Фото: Зоран Антоски

Механизација на ЈКП „Комуналец“ деновиве пристапи кон чистење на коритото на река Сушица, отстранување на високата трева која порасна во текот на летото и негово продлабочување, со цел зголемување на неговиот капацитет и протечност која е неопходна во периодот кога има поголеми врнежи од дожд и топење на снег, кога се подига нивото на водотеците, за што е неопходно речното корито да го зголеми својот капацитет.

-Бидејќи во овој период од годината традиционално имаме почести и поинтензивни врнежи од дожд и снег, кој потоа и се топи, што се одразува и врз подигање на водостојот на градската река, која впрочем е колектор на сите извори и потоци од западното подножје на планината Бистра. За да се подобри нејзиниот капацитет и зголеми пропусната моќ, деновиве интервенираме со машини за да ја отстраниме високата трева и да го продлабочиме коритото на реката. Овие зафати ги чиниме еднаш до двапати годишно, сѐ во зависност колку е чисто речното корито. Ако останеше тревата во коритото, нејзиниот капацитет ќе беше двојно помал, што ќе значеше дека при повисок водостој реката ќе се излеваше во тревниот појас – велат од комуналното претпријатие.

Инаку за првпат после подолг период деновиве коритото на градската река беше речиси полно со вода, бидејќи интензивните врнежи од дожд кои ги имавме изминативе денови во регионот, го зголемија водостојот на реката.

З.А.