Фото: Игор Бансколиев

Пресек на единиците на локалната самоуправа по локалните избори

Почнувајќи од денеска, во наредниов месец ќе ви ги претставиме сите општини во Македонија. Ќе направиме преглед кои се новите локални власти што ја добија довербата на своите сограѓани – градоначалници, а и новите состави на општинските совети. Со претставувањето на општините и локалните власти ќе ви понудиме слика за она што е најактуелно на локално ниво, предизвиците пред кои е исправено локалното население и приоритетите што би требало да се најдат што побргу на агендата на сработеното, заради поквалитетен живот на граѓаните.
„Нова Македонија“ во рамките на своите професионални ангажмани, како национален медиум со најдолга традиција, ќе ги поттикне сите засегнати чинители при заедничките зафати за унапредување и подобрување на локалното живеење, но и ќе обрнува внимание на пропустите или стагнирањето на проектите чија реализација граѓаните ја очекуваат со нетрпение.
„Македонија на дланка“ ќе биде проект на поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
„Македонија на дланка“ ќе биде проект што ќе генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.


АЕРОДРОМ

Во општината Аеродром победата на локалните избори ја освои кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, Тимчо Муцунски.
За градоначалникот Муцунски, приоритет ќе биде подобрување на целокупните услови за живот во општината. Исто така, меѓу главните приоритети ќе бидат изградба на четири нови градинки, нов мултимедијален центар за настани од областа на културата, фестивали и разни други забавни содржини, комплетно нов велодром – нешто што зазема сè поголем замав низ светот, реновирање и модернизација на сите училишта и претворање на општината во екодром – вистинска зелена оаза со паркови и зеленило, кои ќе достигнат до сто илјади квадратни метри.
Советничките места во оваа општина се распределени помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, кое има 14 советници, СДСМ – осум советници, а Левица петмина советници.
Општината Аеродром изминатите години интензивно се ширеше и урбанизираше, но сѐ уште се вбројува меѓу општините со голем број паркови. Жителите велат дека се задоволни што во рамките на општината имаат голем број содржини што им нудат речиси сѐ што им е потребно за нормално функционирање. Оваа општина е доста атрактивна за спорт и рекреација поради тоа што во рамките на својата територија има дел од кејот на реката Вардар, што претставува сериозен потенцијал за развивање спортски и рекреативни содржини.


КАРПОШ

Општина Карпош на локалните избори што се одржаа годинава го доби градоначалникот Стевчо Јакимовски, кандидат за градоначалник од политичката партија Гром. Тој е човек што исклучително добро ги познава пулсот на Карпош и потребите на карпошани. Има исклучително широка палета на проекти за општината. Тој е познат како човек од теренот, кој рамо до рамо со својата администрација и граѓаните се впушта во решавањето на проблемите од локален карактер што ги тиштат граѓаните. Приоритет на Јакимовски во четиригодишниот мандат ќе биде обезбедување места во градинките за сите деца во општината, менување на сите азбестни покриви, менување лифтови и обновување фасади на зградите, градење паркови и одржување на хигиената на највисоко ниво.
Во Советот на Општина Карпош, советници имаат четири политички партии и една независна кандидатска листа. СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ има осум советници, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ седум, Левица четири, Гром двајца советници, а двајца советници се од Група избирачи – Невена Георгиевска.
Општината го носи името според две историски личности што го носеле името Карпош. Тоа е една од општините што изобилуваат со паркови, а наедно важи и за една од најурбаните општини во Скопје. Во оваа општина се сместени и голем број знаменитости, меѓу кои се и античкиот град Скупи и манастирската црква „Свети Пантелејмон“ од 12 век, а жителите на оваа општина можат да се пофалат и со Драмскиот театар, една од најпосетуваните и најнаградувани културни институции во земјата.


ГАЗИ БАБА

Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, Бобан Стефковски, ги освои симпатиите на жителите на Гази Баба, па во следните четири години тој ќе биде предводник на оваа скопска општина. Приоритетите на кои тој ќе се фокусира во следните четири години ќе бидат обезбедување чиста вода за пиење за секое семејство во општината и обезбедување фекална канализација, а изградбата на четири нови детски градинки е на врвот од приоритетите. Како еден од најголемите приоритети, градоначалникот ја издвои и заштитата на животната средина, со засадување 500 илјади дрвја, за Гази Баба да стане најзелена општина. Исклучително високо ценет новитет од страна на граѓаните на општината Гази Баба е што новиот градоначалник во својата кампања промовираше силна поддршка на спортот, спортските активности и на клубовите и обновување и градење спортска инфраструктура во општината. Гази Баба има многу и исклучително квалитетни спортисти, а оваа идеја ги мобилизира и соедини. Во кампањата беше издвоен и РК Металург, кој првпат во својата историја, како што вети градоначалникот, ќе добие општина како патрон и поддржувач, а спортската сала ќе биде колепка на ракометот и спортот воопшто.
Во Советот на Општина Гази Баба, советничките места се распределени помеѓу четири политички партии, и тоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, кои имаат 16 советници во Советот на Општината, СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ седум советници, Левица тројца и ДУИ еден советник.
Општина Гази Баба е една од најголемите општини во Скопје, а изобилува и со урбани и со рурални делови. Тука е голема застапеноста на население што се занимава со земјоделство, но истовремено има голем број правни субјекти, кои имаат значаен удел во вработувањето во оваа општина.


ЦЕНТАР

На неодамнешните локални избори, градоначалничкото место во општината Центар го освои кандидатот на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Горан Герасимовски.
За Герасимовски, приоритети ќе бидат хигиената, решавање на проблемот со паркирање, урбанизмот и зеленилото. Најавува формирање нов комунален сектор за одржување, за редовно и постојано чистење на улиците, илјада нови паркинг-места на клучните и најгусти со сообраќај локации во општината – Дебар Маало, Буњаковец и Капиштец, вклучувајќи и обезбедување резидентни паркинг-места за станарите и зајакнување на инспекциските служби и исполнување на минимумот од 20 отсто зеленило на секоја парцела.
Бројот на советнички места во општината е распределен помеѓу четирите политички партии, СДСМ и коалицијата девет советници, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата осум советници, Левица тројца и Шанса за Центар тројца советници.
Општината Центар е една од најурбаните општини во Скопје или, како што многумина милуваат да кажат, таа е срцето на градот. Во рамките на нејзините граници е централното градско подрачје, кое е примамливо за сите посетители на главниот град. Во Центар се сместени најважните државни институции, плоштадот, голем број знаменитости, а и сите поважни настани се случуваат токму во границите на оваа општина.