Започна пријавувањето за второто издание на меѓународниот спортски настан „Охрид ултратреил“, кој ќе се одржи во Охрид од 18 до 20 септември 2020 година. Овој спортски настан е организиран од страна на здружението за промоција на планинското трчање „Трекс“ oд Скопје и асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за спорт“ од Охрид.
– Организацијата на овој настан е поддржана од Општина Охрид, „Преспа – Охрид нејчр траст“ (ПОНТ), Делегацијата на Европската Унија во нашата држава, како и од претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски – информираат во Општината.
Годинашното издание на „Охрид ултратреил“ го сочинуваат три планински трки со различни должини. Ќе се трчаат 18 километри, 66 километри, а новина ќе биде трката од 107 километри, која припаѓа во групата на спортски настани со ултрадистанци.

Трките ќе се одвиваат на падините на националниот парк „Галичица“ по сите безбедносни критериуми на ИТРА (Интернешнл треил ранинг асосиејшн), а сите што ќе стигнат на целта ќе добијат квалификациски поени за најпозната светска трка во планинско трчање „Ултра треил ди Мон Блан“ на Алпите.
Пријавувањето за „Охрид ултратреил“ е отворено до 7 септември 2020 година, а сите заинтересирани кандидати повеќе информации може да се добијат на www.ohridtrail.mk.
Oва е меѓународен спортски настан во природа, кој се одржува годишно во националниот парк „Галичица“ и во преспанско-охридскиот регион, во Македонија. Трката, која е носител на настанот, е долга 107 километри со 4.940 метри искачување и учесниците ја започнуваат својата авантура на полноќ врвејќи низ сокаците со калдрма во стариот дел од Охрид, минувајќи низ неколку села во пониските делови на планината Галичица кон живописниот манастирски комплекс „Св. Наум“ на јужната страна на брегот од Охридско Езеро.

Таму, во рана зора, во спокојот на изворите на реката Црн Дрим, им се придружуваат учесниците на втората планинска трка „Галичица ултра“ – на едно патешествие од 66 км со 3,350 метри искачување. Заедничката маршрута го следи главното било во срцето на планината и националниот парк „Галичица“ и преку козји патеки и макадамски патишта открива пејзажи кон двете езера Преспанско и Охридско – кои обземаат истовремено.