Реконструкцијата чини 160.000 евра, од кои Бугарија обезбеди 133.000 евра

Битола

Ако не излезат некои непредвидени работи, кон средината на овој месец треба да почнат градежните активности за реконструкција на покривот и дограмата во средното техничко училиште „Горги Наумов“ во Битола. Реконструкцијата на училиштето ќе чини 160.000 евра, од кои бугарската држава обезбеди вкупно 133.000 евра, додека во реализацијата на овој проект Општина Битола ќе учествува со 27.000 евра. Со овие средства, според проектот, ќе се изврши комплетна замена на дограмата и на покривот. Средствата се обезбедени преку Програмата за помош и развој на соседните држави, за учениците во техничкото училиште следната учебна година да ја почнат наставата во современа и реновирана училишна зграда.

– За нас е особено важна оваа донација, зашто училиштето од 1986 година, откако почнало со работа, немало никаква инвестиција ниту, пак, реновирање. Дограмата е во очајна состојба, а покривот има азбестни плочи, кои се штетни за здравјето и во најголемиот број држави веќе се исфрлени од употреба. Со оваа реконструкција ќе се заштеди на електрична и топлинска енергија, бидејќи во моментот дограмата не функционира, не дихтува и во зима децата мора да седат на настава со јакни. Се надевам дека на први септември ќе можеме да го пуштиме училиштето во употреба во комплетно нова состојба, со нов покрив, со што ќе се надминат проблемите со прокапување по училниците и спортската сала – нагласува директорот на СТУ „Ѓорги Наумов“, Владимир Роме.

Инаку, деновиве со помош на Општина Битола во СТУ „Ѓорги Наумов“ се врши целосна реконструкција на санитарните јазли на училиштето.