КИЧЕВО

На штотуку распишаниот конкурс на Министерството за образование и наука за упис на ученици во прва година во средно образование, во учебната 2021-2022 година, во двете општински средни училишта во Кичево, „Мирко Милески“ и „Дрита“, има вкупно 748 слободни места, што е за 68 места помалку од лани или за две паралелки помалку.
– За претстојната учебна година во училиштето „Мирко Милески“ за упис во прва година има слободни вкупно 448 слободни места. Од оваа бројка 340 места се во паралелки на македонски јазик и 102 места за настава на турски јазик. Традиционално најголем број слободни места има во гимназиските паралелки, вкупно 160 на македонски и 34 на турски наставен јазик. Во економското училиште се предвидени по една паралелка на македонски и на турски јазик, како и на насоката за електротехничари, каде што се слободни по една паралелка на македонски и на турски јазик, додека по една паралелка има уште во три насоки само на македонски јазик, и тоа за машински техничари, медицински техничар и хемиски техничари.

Иако кај дел од учениците имаше интерес за упис во паралелка со дуално образование, сепак поради немањето соодветни капацитети каде што ќе можат дел од наставата да посетуваат учениците, годинава таква паралелка нема да се формира – рече Зоран Стојкоски, претседател на училишниот одбор.
Во ОСУ „Дрита“ во претстојниот уписен рок се слободни 306 места.
– За претстојната учебна година во општинското средно училиште „Дрита“ имаме вкупно 306 слободни места или девет паралелки, од кои најголем дел или 160 се во гимназиските паралелки и по една паралелка во насоките економски техничар, електротехничар, машински техничар, медицински техничар – фармацевт.

За оваа година е планирана една паралелка помалку или во гимназиските наместо шест како што беше лани, годинава ќе запишеме пет гимназиски паралелки. И во нашето училиште и покрај интересот за дуално образование, сепак и во оваа учебна година ќе немаме такви паралелки. Инаку забележлив е трендот на сѐ помал број запишани ученици во прва година и токму затоа доаѓа и до намалување на бројот на паралелки – рече Фестим Ахмети, директор на „Дрита“.
Намалениот број на ученици е очекуван поради намалувањето на наталитетот.