Се потоплите зими и глобалното затоплување придонесоа бројот на змии во природата од година во година да биде се поголем и забележливо е нивното поголемо присуство крај и во човековите живеалишта. Ги има во дворовите, на патиштата, на улиците во парковите, а во некои случаи змии се забележани и во домовите, но за среќа барем засега не се забележани каснувања на луѓе.

Топлото време во котинуитет придонесува рептилите да бидат се поголеми и дури во поретки случаи да се забележат и примероци поголеми од три метри. Нивното се почесто присуство во дворовите ни го потврдија повеќемина граѓани.

– Во оваа куќа живееме над 50 години и ова е втора година по ред како во дворот забележавме присуство на смок. Откако смокот не забележа се сокри во тревата, но ние бевме упорни, го пронајдовме и го отстранивме од дворот. Најголемо внимание посветуваме на прозорците од долниот кат, кои стојат отворени само во наше присуство, бидејќи во спротивно не можеш да претпоставиш дали во домот ќе влезе и некоја змија – вели Томе, жител во една кичевска населба.

Повеќемина граѓани кои коселе поголеми тревнати површини велат дека просто е неверојатно колку змии има во природата, и мораат да носат високи чизми за да не бидат каснати од опасните отровници. И само на една ливада забележале десетина примероци змии и смокови.

Можеби и драстичното намалување на добитокот е причина плус, бидејќи нема кој да ја пасе тревата и ситните растенија, и тоа овозможува уште поголемо присуство на рептилите во природата.