Во чест на Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, 24 Мај, денеска во базиликата Сан Клементе во Рим, делегации на Македонија и на Бугарија, положија цвеќе на гробот на Св. Кирил.

Делегациите ги предводеа вршителите на работи во амбасадите на Македонија при Светиот Престол и Италија, Александар Спирковски и Магдалена Димова, како и нивните хомолози од бугарска страна, амбасадорите Богдан Паташев и Тодор Стојанов. Беа присутни и вработените во амбасадите, а на делегациите им посака добредојде отец Стивен Хачинсон, јереј во базиликата Сан Клементе.

Шефовите на делегациите одржаа кратки пригодни говори, при што беше истакнато одбележувањето на 1.151-вата годишнина од смртта на Св. Кирил во Рим, неговиот историјат, значењето на светите браќа просветители за целокупната словенска писменост, но и за историјата и доближувањето на македонскиот и бугарскиот народ, како и основата што ја создаваат за градење на добрососедските односи и во иднина.

Од страна на македонската делегација на гробот на Св. Кирил беше положен венец во име на претседателот Стево Пендаровски, како покровител на годинешната манифестација – Денот на Св. Кирил во Рим, а сите присутни дадоа пригодна почест и на олтарот во базиликата, каде денес е положен фрагмент од моштите на Св. Кирил.

Заради актуелната состојба со пандемијата на ковид-19, традиционалните манифестации поврзани со одбележувањето на Денот на Св. Кирил во Рим, се одложени за подоцна, во текот на годината.