КАРПОШ

Почитувањето на мерките во текот на наставата во сите воспитно-образовни установи е врвен приоритет. Маската, дистанцата и дезинфекцијата се правилата од кои не смееме да отстапиме уште подолг временски период, рече градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев кој беше во посета на основното училиште „Лазо Трповски“. Заедно со директорката на училиштето и службите имаа можност да видат како се одвива наставата со физичко присуство и онлајн предавањата. Во текот на посетата, тие поразговараа и за алгоритмите и постапката за изолација на ученик или наставник во случај на појава на заболено лице од ковид-19.
– Никој не може и не смее да ги занемари повисоките бројки на заболени лица. Училиштата мора да бидат подготвени и да постапуваат во согласност со насоките добиени од здравствените власти. Како општина правиме сѐ што можеме. Обезбедивме повеќе средства за дезинфекција на образовните установи, набавивме ИТ-опрема за наставниот кадар, за непречено да се одвива наставата. Сепак, никој не може да вети целосна подготвеност, затоа да бидеме одговорни и претпазливи – рече Богоев.

Општина Карпош ги повикува сите ученици, наставници и родители да ги почитуваат мерките за заштита. Имајќи ја предвид моменталната состојба, очигледно е дека вирусот сѐ повеќе е дел од нашето најблиско опкружување и само со навремено информирање и комуникација со релевантните лица (служби на училиштето, матичен лекар) може да спречиме ширење на коронавирусот.