На пет локации на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола се поставени 12 подземни контејнери за собирање отпад.

– Извесен период се реализираат низа зафати на оваа улица, односно се постави ново лед осветлување, ново хортикултурно уредување со нови зазелеленети и цветни површини, поставени се клупи, како и активности за смирување на сообраќајот. Но токму промоцијата на поставувањето на 12 подземни контејнери дава растеретување на просторот во интерес на граѓаните и заедницата, поголема функционалност и пријатност за опкружувањето.

Бидејќи започнавме со инфраструктурни активности и кај Довлеџик, подоцна треба да продуцира и инфраструктурен дел до оваа улица кој ќе подразбира реализација на велосипедските патеки – изјави градоначалниката на Битола, Наташа Петровска о поставувањето на контејнерите.

Таа објасни дека ова претставува интегриран, комплетен пристап на промена на инфраструктурата и на она што значи урбано живеење и замоли да граѓаните да покажат свесност и будност дека треба заедно да се грижат за сето ова што е убаво за сите граѓани.

– Граѓаните имаат точно предвиден отвор за поставување на отпадот. Не би сакале да гледаме слики со отпад наоколу, на користење на отпад од други локации, или пак на градежен шут и други типови отпад кои што не се соодветни за постапување во овие подземни контејнери – посочи Богоевски.

М.М.