Фото: Макфакс

Формирање работна група што ќе предложи решенија кои ќе бидат одржливи во однос на утврдување на износот на минимална пензија, но и за други видови пакети мерки за помош и поддршка на пензионерите. Ова било заклучено на денешниот состанок на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, кој следува по вчерашниот протест на пензионри кои и ги доставија своите барања на министерката во однос на зголемување на износот на пензиите и на минималната пензија.

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП), на состанокот со Тренчевска присуствувале претседателката на Сојузот, Станка Трајкова, и претседателите на здруженијата на пензионери од Прилеп, Штип и Охрид.

Работната група што ќе се формира ќе биде составена од претставници на МТСП, од Владата и Сојузот на пензионери и од  Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.

-Работната група треба да работи на решенија кои ќе бидат одржливи, кои не ја нарушуваат стабилноста на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и кои, пред се, ги почитуваат потребите на пензионерите, информира МТСП.

Тренчевска посочила дека во изминатиот период Методологијата за пораст на пензиите и мерките за поддршка на пензионерите кои се дел од ранливата категорија на граѓани се донесени заедно со Сојузот на пензионери.

-Таа истакна дека работата на Министерството за труд и социјална политика со Сојузот во изминатиот период не беше во мирување туку, напротив, во континуитет се работи на решение за утврдување на износ на минимална пензија, наведува МТСП во соопштението.

Министерката посочила и дека во претстојниот период ќе се интензивираат средбите со пензионерите во сите градови во државата, како можност за давање предлози кои ќе бидат основа во креирање  решенија и предвидување на потребните законски измени за барањата да бидат реалност.

-Тренчевска на крајот од средбата истакна дека Министерството ќе вети само исполнување на решенија кои навистина ќе можат да се спроведат, затоа што, според неа, зборот даден кон граѓаните секогаш треба да биде целосно реализиран, информира МТСП.