Без силен и развиен граѓански сектор не е можна успешна и демократска Македонија. Се надевам дека денешниот настан ќе претставува дополнителна мотивација за сите активисти во невладините организации, но и за бројните поединци кои секојдневно прават добри дела, порача претседателот на државата Стево Пендаровски на денешното доделување на признанието „Повелба на Македонија“.
Ова високо признание им беше врачено на три организации и на четири личности кои со нивната работа и посветеност дале огромен придонес за социјализација и остварување на човековите права и слободи на лицата со попречености, за помош и поддршка на обесправените и угнетените, за грижа и воспитување на децата, за подигање на свеста за ракот, за унапредување на родовата еднаквост, за подобрување на меѓуетничките односи, како и за афирмација на земјата на меѓународно ниво.
Добитници на признанието се „СОС Детско Село“, Центарот за балканска соработка „ЛОЈА“, Движењето „Полио Плус“, како и Биба Додева, Ленче Здравкин, Савка Тодоровска и Ристо Донев.
– Им честитам на добитниците, ја користам оваа прилика да им се заблагодарам за се што досега имаат направено, да ги замолам да останат и понатаму посветени на оваа благородна кауза и да порачам на сите останати, на сите нас – да се угледаме на нив, за наше добро – рече Пендаровски.
Тој посочи дека е препознатлива улогата и значењето на граѓанските организации, како и на поединци кои преку работата во нив, но и самостојно, придонесуваат за македонската демократија и македонското општество.
– Освен квалитетот на трите основни столба на државата, законодавната, судската и извршната власт, репери за демократската зрелост и просперитет на едно современо и развиено општество, се слободата на медиумите и активноста на граѓанските организации. Невладините организации се своевиден индикатор за благосостојбата на заедницата, катализатор на социјалните процеси, заштитник на правата и слободите на човекот и на различните заедници и групи во општеството – рече Пендаровски.
Меѓу добитниците е и Ристо Донев, кој покрај церебралната парализа, бележи низа успеси во шаховските натпревари. Станал сениорски првак во поранешна Југославија, а потоа и југословенски репрезентативец. Денес, Донев е интернационален мајстор во дописен шах, прва и единсѕтвена титула од овој вид во земјава.
-На шаховската табла има повеќе бели полиња, отколку во мозаикот на мојот ни малку лесен живот. Оваа Повелба додава едно значајно бело поле во мојот животен мозаик. Повелбата ја примам со особена чест и восхит дека за разлика од други државни институции, од страна на претседателот е препознаено и се цени тоа што го постигнав како афирмација и за нашата држава, а постигнатото станува до толку позначајно со фактот дека меѓу сите наполно здрави шахисти, само јас бев со физички хендикеп така што од тој аспект секоја партија ја играв на нерамноправна основа. Свесно го прифатив таквиот предизвик воден од намерата да покажам дека и јас можам да остварам респектибилни постигнувања без оглед од колку тешка здравствена позиција го правам тоа – вели Донев.