Фото: Кабинет на претседателот

Претседателот Стево Пендаровски денеска соопшти дека ги потпишал указите за прогласување на петте закони за изградба на коридорите 8 и 10д. Како што рече на прес-конференција, секоја заинтерсирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој од овие закони, вклучувајќи го и оној за измени и дополнувања на Законот за работни односи за кој реагираа дел од синдикатите, дел од граѓанските здруженија и некои политички партии.

Според шефот на државата, по консултации со експерти е утврдено дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд која предвидуваше дека „работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“.

-Изминативе денови направив низа консултации во однос на уставноста на новиот текст на законот со експерти од областа на трудовото право, со поранешни судии на Уставниот суд и со советниците во мојот Кабинет. По сумирањето на различните мислења донесов одлука да го потпишам Указот за прогласување на овој закон, и на останатите четири закони. Сепак, имајќи ги предвид приговорите на дел од синдикатите, дел од граѓанските здруженија кои работат во оваа сфера, како и на некои политички партии укажувам дека секоја заинтересирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, вклучително и на овој закон. Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите и има на располагање механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе соодветна одлука, ако така смета – истакна Пендаровски.

Тој оцени и дека изминатите недели во јавноста се разви легитимна дебата во однос на содржината на овие закони, а за еден од нив и за неговата уставност, имајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд од минатата година.

-Неспорејќи го легитимното право за сеопфатна дебата за секој закон, вклучително и овие, сакам да укажам дека дебатата од мал број на субјекти беше употребена за зголемување на и онака високата поларизација во нашето општество што го отргна фокусот од вистинските прашања поврзани со овие закони. Односно наместо дискусијата да се насочи кон придобивките и можните ризици во однос на проектот, јавната дебата се претвори во расправа за нашите стратешки евроатлански ориентации и аспирации – нагласи претседателот.

Собранието во петокот ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за работни односи, Законот за експропријација, Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола).

Законите беа донесени по скратена постапка, откако Владата ги означи со европско знаменце и го достави до Собранието.