Фото: Архива/Принтскрин

Предложените измени на законот за судска служба се неприфатливи за Независниот синдикат на судска администрација. Според нив, тие се прават со единствена цел, како судска служба, да не добијат покачување на плата со најавеното покачување на минималната плата.

– Пред Собранието на Република Македонија се наоѓа предлог-закон за изменување на Законот за изменување на судска служба со кој се предлага трансформација на минималната плата од компонента на основна плата во дополнителни бодови за звање. Овие предложени измени се апсолутно неприфатливи за нас вработените во судската служба бидејќи овие измени се прават само со една и единствена цел – ние како судска служба да не добиеме покачување на плата со најавеното покачување на минималната плата – изјави денеска пред Основен кривичен суд Скопје, Јасмина Величкова од Независен синдикат на судска администрација.

Таа појасни дека се работи за покачување на плата за 2 000 денари за вработени кои како основна плата земаат минимална плата.

– Ова е срамен потег на владата да го турка и да го избутка донесувањето на овие законски измени во предизборен период и во време кога минималната кошничка синдикална изнесува 57.476 денари за месец февруари, а се работи за покачување на плата за 2.000 денари за вработени кои како основна плата земаат минимална плата. Ги повикуваме пратениците да не ги гласаат овие законски измени и да не заборават дека многу брзо ќе треба да се сретнат со нас да не погледнат во очи и да побараат повторно да ги гласаме – рече таа.

Како што дополни, доколку евентуално Собранието ги усвои овие законски измени, го повикуваат претседателот Стево Пендаровски, да не ги потпише измените, бидејќи, според нив, се против интересите на обичниот граѓанин кој, како што посочи, „зема понижувачка плата“.