Фото: ДУИ

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, повика на поддршка од гласачите и официјално објави дека актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, ќе биде кандидат на ДУИ за претседател на државата.

– Со Бујар го почнуваме најважниот референдум на нашето време и следната битка за да ја добиеме вашата доверба, за да го избереме претседателот во Собрание со двотретиско мнозинство и со Бадинтерово мнозинство, за да ја оствариме нашата визија за консенсуален претседател – рече Ахмети, додавајќи дека Османи „се има докажано на домашната и меѓународната сцена и победи во битката против Русија, а исто така беше дел од екипата за уставните измени, членството во НАТО и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија“.

Тој порача дека ДУИ нема да биде дел од ниту еден владин состав што нема да го промени Уставот.

– Пред Вас, давам одлучен завет дека ние нема да бидеме дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот и ќе одиме во опозиција за да се бориме и да ги победиме екзистенцијалните закани за нашата земја. За ова, ја бараме Вашата доверба затоа што овие работи бараат моќна, силна партија за одлучно да се соочи со големите прашања, докажана во минатото дека ги остварила големите ветувања, што го направила тоа што го кажала – заклучи Ахмети.