Вештак назначен од судот во Перник ќе изврши увид на местото на несреќата на автобусот на „Беса транс“ во која лани загинаа 45 луѓе, најави адвокатот што ги застапува наследниците на жртвите во Бугарија, Николај Димитров.

– Повторената истрага треба да ги утврди пропустите на делницата. На наше барање е одобрен увид на патот, и не само на местото каде е настаната катастрофата но и 3 километри пред тоа, и вештакот на истражи дали се нарушени ознаките на делницата – изјави Димитров за ТВ 24.

Заклучокот од истрагата на бугарското обвинителство е дека единствена причина е човечка грешка на возачот. Бугарскиот тим истражители, исто така, ја отфрли верзијата дека ознаката на патот можеби е причина за несреќата.

Несреќата се случи на 23 ноември, минатата година во раните утрински часови, при што автобусот на „Беса транс“, кој од Истанбул се враќаше со туристи, удри во ограда на автопатот Струма, кај бугарското село Боснек. Меѓу загинатите имаше 12 деца, а седуммина преживеаја.