Итно раскинување на договорот помеѓу Зоран Заев и Бојко Борисов од 1 август 2017 и спогодбата помеѓу Никола Димитров и Никос Коцијас од 17 јуни истата година, како и семакедонско помирување и обединивање, и безусловно распуштање на меѓувладината македонско – бугарска и македонско – грчка комисија за ревизија на македонската историја, побара претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров во Трново на 51-та традицонална семакедонска илинденска средба, на која присуствуваа голем број граѓани и иселеници од европските и прекуокеанските земји.
– Европската Унија и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата – рече во своето обраќање Тодор Петров.
Тој го повтори барањето за историско помирување на македонскиот народ со сите соседни народи и потпишување на договори за траен мир и добрососдство помеѓу Макеоднија со соседните држави врз почитување на основниот принцип на суверено право на суверена еднаквост взаемно разбирање и почитување. Петров испрати порака светот и Европа да да го почитуваат универзалното, неотуѓиво и неприкосновено
право на самоопределување и самоединтификација на македонскиот народ за сопствена држава Македонија, како единствено решение на македонското прашање.
На 51-та традиционална Семакедонската илинденска средба се обрати и претседателот на МАНУ, академикот Љупчо Коцарев.
– Радоста, гордоста и спокојот што ги носам во себе денеска тука во Трново, по овој настан произлегуваат од мојата увереност дури и сигурност дека македонската
држава, идентитет, јазикот, културата и уметноста ќе опстојат на овие простори и во вековите кои доаѓаат затоа што тие длабоко се врежани во историјата и срцата на секој од нас – истакна проф. д-р Љупчо Коцарев.
Поздравувајќи ги во името на Матицата на иселениците присутните на Семакедонската илинденска средба претседателот на организацијата, Иван Џо Петровски, истакна дека Илинден е дело на македонскиот народ, а круна на Илинден е АСНОМ 1944.
– Илинденското востание и антифашистичката војна се порака на мртвите и жртвите од минатото за слободата и иднината на Македонија, за иднината на македонскиот
народ и Македонија. Јазикот е народот, зашто без македонски јазик нема ниту македонски народ – потенцира Иван Џо Петровски, кој ја отфрли идејата за заедничко
македонско-бугарско славење на Илинден.
По официјалниот дел се одржа општонародна веселба. М.М.