Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, кое се формираше со владина одлука со цел да се зајакне соработката меѓу надлежните институции заради унапредување на политиките и механизмите за превенција и справување со корупцијата, денеска ја одржа првата официјална седница.
Со конститутивната седница, како што соопшти владината прес-служба, претседавала заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
-На седницата детално се разгледуваа забелешките на членовите на ова тело во однос на Предлог деловникот за работа, по што тој беше едногласно усвоен. Утврдувајќи ги правилата за работа на Меѓуресорското тело, а со цел да се обезбеди транспарентност и инклузивност во работењето, членовите го прифатија предлогот на вицепремиерката Грковска, на јавните седници, во својство на набљудувачи, да се вклучат и претставници од граѓанските организации кои се активни во оваа област – се наведува во соопштението.
Членовите на Меѓуресорското тело се согласиле дека е потребна забрзана динамика на работа и се обврзале на првата наредна седница, која ќе се одржи за две недели, да дадат конкретни предлози поврзани со наодите од последниот Извештај на Европската Комисија кои се однесуваат на корупцијата, како и за поефикасно спроведување на акциониот план од Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Во Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата учествуваат претставници на Јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, Државната комисија за спречување на корупција, Државниот завод за ревизија, Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, Управата за финансиска полиција, Царинската управа, Управата за финансиско разузнавање, Бирото за јавни набавки, Агенцијата за управување со одземен имот, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Република Северна Македонија во Совет на Европа – Група на држави против корупција