Фото: Игор Бансколиев

Бактериските инфекции се втора водечка причина за смрт во светот по срцевите заболувања, покажа сеопфатна студија во која како најсмртоносни меѓу бактериите се посочени стафилококус ауреус или златната стафилокока (Staphylococcus aureus) и пневмококата (pneumococcus). Но по малку е вознемирувачка информацијата од нашите соговорници професори дека „кај нас е многу поопасно бидејќи нашите бактерии се многу поотпорни во однос на западноевропските земји“…

Бактериите златна стафилокока и пневмокока први по опасност за граѓаните на Македонија

Со студијата, чии резултати беа објавени во специјализираното медицинско списание „Лансет“, се опфатени триесетина бактерии – најчести причинители на инфекции, во обидот на научниците да ја проценат поврзаноста на бактериите со бројот на смртните случаи. Истражувањето е спроведено како дел од таканаречениот „глобален товар на болестите“.
Големата истражувачка програма е финансирана од фондацијата „Бил Гејтс“ и е од неспоредливи размери, со вклученост на неколку илјади истражувачи од голем број земји низ светот. Авторите заклучиле дека „случаите поврзани со проучуваните бактерии претставуваат втора водечка причина за смрт во светот“ по срцевите заболувања, кај кои се издвојуваат срцевите удари.
Од 7,7 милиони смртни случаи поврзани со бактериски инфекции, секој осми е последица на ефектите од стафилококус ауреус и пневмококна инфекција. Податоците датираат од 2019 година, пред пандемијата на ковид-19.
На пет од избраните триесет бактерии им се припишуваат половина од смртните случаи, и тоа стафилококус ауреус, ешерихија коли (Escherichia coli), пневмокок, клебсиела пневмонија (Klebsellia pneumoniae) и бацилус пиоцианин (Bacillus pyocyanin).
Студијата покажа дека златната стафилокока е „водечка причина за смрт предизвикана од бактериска инфекција во 135 земји“. Најсмртоносни кај децата на возраст под пет години се пневмококните инфекции.
Истражувачите велат дека овие резултати се јасен показател дека бактериските инфекции се „итен приоритет“ во јавното здравство.

Оттаму апелираат на ангажман за превенција од инфекции, помудро пропишување антибиотици, особено за да се избегне отпорност на тие лекови, како и поефикасна употреба на вакцините.
– Кај нас е многу поопасно бидејќи нашите бактерии се многу поотпорни, во однос на западноевропските земји. Кај нас многу се претерува со пиење антибиотици, а претерувавме и во пандемијата. Последиците ги гледаме и уште повеќе ќе ги гледаме. Треба да се почитува стратегијата за борба против антимикробна резистенција – вели проф. д-р Никола Пановски, микробиолог.
Научниците објаснуваат дека антибиотиците не треба да се пијат за вируси. Со непотребно пиење антибиотици се создаваат сѐ посилни и посилни бактерии, зашто, едноставно кажано, тие учат да се борат со антибиотиците, кои инаку треба да ги уништат. Така се доаѓа до ситуација кога антибиотиците слабо или воопшто не дејствуваат на бактерии.
Според досега најсеопфатната процена на глобалното влијание на АМР, повеќе од 1,2 милион луѓе починале во 2019 година како директен резултат на бактериски инфекции предизвикани поради отпорност на бактериите на антибиотици. Н.Б.З.