ЕУ не може да изгради конзистентна надворешна политика за ниту едно прашање, на пример, за сопствените реформи или, пак, за проширувањето, така што клучната дилема што се наметнува во последно време во македонската јавност е дали мора слепо да се верува и прифаќа сè што доаѓа од Брисел или, пак, како за промена, Македонија да почне да размислува од позиција на сопствените национални интереси и така да го продолжи дијалогот со ЕУ

Контрадикторните политики на Брисел ја прават Унијата сѐ повеќе геостратегиски ирелевантна

Неконзистентните политики на Европската Унија кон Македонија покажаа дека тоа само ја урива довербата кон Европа во земјава, но и воопшто на поширок план, бидејќи оној што не опстојува на дадените ветувања не е партнер на кој може да му се верува.
И покрај декларативните ветувања за идно проширување на Унијата дадени на состанокот во рамките на Берлинскиот процес што вчера се одржа во Тирана, генералниот заклучок е дека ЕУ размислува само за некаков поблизок партнерски однос со земјите од Западен Балкан, нивно врзување со одредена финансиска помош, пристап до заедничкиот пазар и толку, само колку да се отстрани опасноста од евентуални други влијанија на овие простори.
Но токму таквата нерешителност на Европа да презентира јасна и реална временска перспектива за полноправно членство на Македонија и на другите земји од регионот ја прави Унијата некредибилен партнер што ужива сè помала доверба, како во регионот така и многу пошироко.
– Од безбројните геостратегиски илузии што беа уништени во последните денови, најотрезнувачко сознание за секој што живее на континентот треба да биде ова: никому не му е грижа што мисли Европа. Во низа глобални жаришта, од Нагорно Карабах преку Косово до Израел, Европа е потисната во улога на добронамерна невладина организација чии хуманитарни придонеси се добредојдени, но инаку се игнорираат… Наместо „геополитичката“ моќ што ја вети претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, кога ја презеде функцијата во 2019 година, ЕУ се претвори во паневропска ситна риба, нудејќи им одреден степен запрепастување на вистинските играчи на масата, додека главно самата се срамоти поради какофонија од противречности – наведува „Политико“ во анализата.
Сето ова говори дека ЕУ не може да изгради конзистентна надворешна политика за ниту едно прашање, вклучувајќи и за проширувањето, така што клучната дилема што се наметнува во последно време во македонската јавност е дали мора слепо да се верува и прифаќа сè што доаѓа од Брисел или, пак, како за промена, Македонија да почне да размислува од позиција на сопствените национални интереси и така да го продолжи дијалогот со ЕУ.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека без оглед дали ЕУ геостратегиски некој ја смета за нерелевантна или релевантна, проблемот е во македонските политичари, кои се однесуваат сервилно кон истата таа Европа.

– Тоа што ние за сè ја слушаме ЕУ е поради нашата сервилност и корумпирани неспособни политичари. Во секоја нормална земја, политичарите секогаш се грижат за интересите на својата земја, а потоа за сè друго. Од тие причини и ние секогаш треба да го гледаме својот интерес, но со политичарите што ги имаме на „располагање“ во државата едноставно тоа е невозможно – вели Пекевски.
Тој не е воопшто оптимист дека на македонската политичка сцена ќе се појават политичари со дигнитет, кои нема слепо да се покоруваат на она што доаѓа од Брисел.
– За да можеме рамноправно да разговараме со ЕУ треба да дојдат такви политичари што ќе имаат карактер, чувство за одговорност и чувство за тоа што е важно за државата и нејзините граѓани. За жал, такви луѓе не гледам, сите влегуваат во политика поради лични интереси. Сè додека не профункционира правниот систем во земјава, нема ништо од тоа и затоа ЕУ ќе ни кажува што да правиме – истакнува Пекевски.
И другите аналитичари со кои се консултиравме се согласуваат дека ЕУ ваква каква што е сега не се покажа како некаков решавачки фактор ниту во регионот, а уште помалку во Европа и во светот.
– ЕУ никаде ја немаше во случувањата во Нагорно Карабах, српско-косовскиот дијалог западна во ќор-сокак, европската управа во БиХ уште повеќе ја парализира земјата, какофонијата од изјави и ставови околу случувањата во Израел и Појасот Газа дополнително ја маргинализираа ЕУ. Улогата на Европа и во Украина е нејасна, особено ако се има предвид поделеноста меѓу земјите-членки. Па дури и за процесот на проширување Европејците не можат да изградат јасен став, со други зборови, за ништо не можат внатрешно да се договорат. Кога имаш таков партнер за разговори од другата страна, тогаш мораме малку повеќе самите да се цениме и да го испорачуваме она што е во наш интерес, а не само да слушаме и да исполнуваме беспоговорно. Доволно испорачавме и редно е некој друг да почне да испорачува – наведуваат дел од аналитичарите со кои разговаравме.