Илустрација: „Нова Македонија“

И додека се чека инструкција однадвор за тоа како да се постапи, министерката за одбрана Славјанка Петровска како да навести каков ќе биде одговорот на државата на апликацијата на министерот за надворешни работи на Русија. Според неа, Лавров е непожелен гостин ако се има предвид односот на Руската Федерација кон Украина

Испрати ли НАТО директна порака за (не)присуството на Лавров
на конференцијата на ОБСЕ во Скопје

Денот Д до кога Македонија требаше да одлучи дали ќе му дозволи присуство на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на завршната конференција на ОБСЕ во Скопје истекува денеска, барем според најавите што минатата недела ги даде министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Она што е извесно е тоа дека земјата претседавач мора да излезе со јасен став дали ќе го отвори небото за авионот на Лавров или, пак, на настанот Русија ќе биде претставена со делегација на пониско ниво, за разлика од сите други земји.
И додека се чека информација од страна како да се постапи, министерката за одбрана Славјанка Петровска како да навести каков ќе биде одговорот на државата на апликацијата на министерот за надворешни работи на Русија.
– Нема потврда за доаѓањето на Лавров, меѓутоа, со оглед на однесувањето на руската надворешна политика, нивното мешање во внатрешните работи на државите, меѓутоа пред сè нивниот однос кон Украина, не гледам зошто тој би доаѓал овде – рече Петровска.
Според неа, и Русија како членка на ОБСЕ треба да покаже дека навистина знае да ги негува и да ги вреднува вредностите на Организацијата за европска безбедност и соработка.
Ваквата изјава на министерката ја отвора дилемата дали таа излегува надвор од опсегот на своите надлежности и почнува да се меша во доменот на надворешната политика, каде што постојат поинакви начини на однесување и постапување, во согласност со меѓународните конвенции и меѓународното право.
Познавачите на состојбите предупредија дека ако Македонија не дозволи присуство на шефот на руската дипломатија како претставник на земја што е членка на ОБСЕ, тогаш ќе ја прекрши Виенската конвенција и на тој начин ќе се поистовети со земјите што ги прекршија сите меѓународни постулати и конвенции кога станува збор за неправдите што ги претрпе земјава, кога најфлагрантно беа погазени правото на самоопределување и малцинските права. Професор по меѓународно право на универзитетот „Илиноис“, САД, пред извесно време појасни дека Македонија може да се повика токму на Виенската конвенција, поточно на членот 46, доколку сака да ја оспори Преспанската спогодба. Поаѓајќи од таа логика, би било апсурдно од една страна да го имаме ова како легитимен правен аргумент за остварување на нашите интереси, а од друга страна самите да ја погазиме Виенската конвенција и да покажеме непринципиелен однос кон меѓународното право, што утре некој друг ќе го искористи токму против нас.

Сето тоа говори дека Македонија, особено како земја претседавач со ОБСЕ, мора да ги почитува и строго да се придржува до меѓународните правила и конвенции и на сите што аплицирале за учество на завршната конференција идната недела во Скопје да им го овозможи тоа без дополнителни задршки и опструкции.
Дополнително, министерот за надворешни работи Османи најави дека на оваа конференција би можеле да бидат донесени и некои важни одлуки, така што учеството на клучните играчи ќе биде исклучително неопходно ако целта е тие одлуки да заживеат и да бидат прифатени од сите, а Македонија да биде факторот што со своето мудро однесување придонел во носењето на таквите одлуки.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека доаѓањето на генералниот секретар на НАТО во Скопје и одржувањето на регионалната конференција на Алијансата една недела пред конференцијата на ОБСЕ, всушност е директна порака до Лавров дека ова е територија на Северноатлантскиот сојуз и дека тој е непожелен.
– Во изјавата што ја даде Столтенберг дека Русија е замешана во некакви активности тука во регионот, всушност може да се насети дека рускиот шеф на дипломатијата нема што да бара тука. Затоа и министерката за одбрана излезе со таква изјава, дека не гледала ниту една причина Лавров да доаѓа во Скопје имајќи го предвид однесувањето на руската надворешна политика – вели Јањатов.
Според него, министерката за одбрана излезе надвор од сопствените ингеренции и директно се меша во работи што се во доменот на надворешната политика.
– Неспорно е дека министерката за одбрана е надвор од својот терен на дејствување. ОБСЕ не е во надлежност на НАТО, не е во надлежност на одбраната, така што нема што таа да се изјаснува околу целата работа. Таа е машата на Западот за да се огради од евентуалната забрана на Лавров да присуствува на конференцијата на ОБСЕ. Во една таква констелација, прашање е дали и Лавров воопшто ќе има желба да присуствува на конференцијата – заклучува Јањатов.