Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје, во соработка со Форумот за разумни политики и центарот за едукација и уметност „Хана“, викендов во креативниот центар „Бруталиск“ во Скопје го организираше настанот „Враќање во иднината“ каде што познати и еминентни ментори заедно со 40 средношколци од различни градови низ државата работеа на креативно изразување на ставовите на младите луѓе преку видеа, графити, музика и облека.
– Проектот „Враќање во иднината“ има цел да им овозможи на средношколците од различни училишта во земјата преку креативен израз да ги искажат своите ставови кон општествено-политичките случувања и околностите во кои го живеат своето секојдневие. Поаѓаме од идејата дека е од особена важност кај младите луѓе да се поттикнува искажувањето на сопствените ставови и критичко размислување, но истовремено да бидат отворени за рефлексија и дискусија кон различните мислења. Работилниците на кои учениците креираат свој уметнички израз се поделени во областите музика, мултимедија, активизам преку облека и графити.
На работилниците на кои учествуваат учениците им претходат предавања за уметничките правци и нивната појава како одговор на одредени случувања низ историјата. На тој начин добиваат појасна и поширока претстава за улогата на уметноста и нејзината тесна поврзаност со општествените и политичките околности во кои се создава. И особено за нејзината моќ да го менува светот. Истата таа моќ ја поседуваат и младите луѓе и потребно е да научат и да знаат како паметно да ја користат – вели Нита Старова, менаџерка на програми и финансии.
Учесниците беа поделени во четири групи, а менторите Емилија Ристановска од центарот за едукација и уметност „Хана“ и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики им помагаа на младите средношколци да ја разберат уметноста како одговор на општествените и политичките случувања низ историјата.
Тренери беа и познатиот визуелен уметник, илустратор, графички дизајнер и диџеј Горан Костовски-Индог, музичарката и тапанарка Мартина Баракоска, графичарот, стрип-цртач и еден од најплодните рапери на современата македонска музичка сцена Антонио Аранѓеловиќ (Тонио Сан), како и графичкиот дизајнер Теодор Петровски. Н.М.