Покрај Бондстил, воената база во Косово, воздухопловна воена база на НАТО се отвори и кај нашиот западен сосед
Неодамна беше свечено пуштена во употреба воздухопловната воена база на НАТО во с. Кучово, Албанија. Трансформацијата на старата воена база во нова, модерна воена база на НАТО (во Кучово) започна во јануари 2022 година, а во овие две години НАТО инвестираше околу 50 милиони евра, додека Албанија нешто повеќе од пет милиони евра. Работите опфаќаа реконструкција на магацини за оружје, бензински пумпи, магацини за оружје, паркинг за авиони, станица против несреќи и пожари, реконструкција на пистата и на кулата, со други зборови, целосна адаптација на базата според највисоките НАТО-стандарди.
– Кучово ќе служи како главна воздухопловна база, инвестицијата нема да запре до создавање флота во служба на нашиот народ и сојузниците. Беспилотните летала „бајрактар“ во соработка со Република Турција се подготвени за опслужување во блиска иднина. Оваа база е важна за мисиите на НАТО. Помошта што Албанија ќе им ја даде на соседните земји ќе нè направи повредни од кога било – рече меѓу другото на свеченоста по повод отворањето на базата албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши. Р.С.