Фото: Игор Бансколиев

Ова е прва директна изјава на висок европски претставник што јасно става на знаење дека дури и да не се стигнат роковите во ноември, тоа не смее да биде никаква пречка во евроинтеграциите за Македонија ако таа продолжи да спроведува вистински реформи и се држи само до европските принципи и стандарди. Борел става посебен акцент на регионалната соработка, што е во иста линија со планот на самата ЕУ за „Европа во две брзини“, со кој се предвидува процесот на пристапување да продолжи така што ќе се мотивира регионалната соработка на тој начин што нема да се дозволува земјите да бидат фрустрирани и да ја губат довербата во Европа поради ирелевантни билатерални прашања што немаат никаква врска со евроинтеграциите

ЕУ со видоизменета реторика и со нова порака

Крајот на јули е последниот рок до кога треба да почне собраниската процедура во врска со измените на Уставот, со кои се предвидува внесување на Бугарите во преамбулата, што Македонија го презеде како обврска со прифаќањето на „францускиот предлог“.
Сепак, на терен работите не функционираат според планот и веќе станува извесно дека и покрај засилениот притисок од страна на меѓународните претставници, и натаму го нема потребното двотретинско мнозинство за да поминат уставните измени.

Нов и поинаков хоризонт на можности

И додека владејачкото мнозинство и натаму не ја губи вербата дека во последен момент ќе успее да дојде до потребниот број гласови за да го испорача она што го ветил пред европските партнери, од Брисел како да почнуваат да се сомневаат околу успешноста на операцијата „уставни измени“ и полека како да го менуваат наративот, кој ако досега беше ултимативен „или уставни измени или нема напред“, сега како да се отвора и некаков поинаков прозорец на можности дури и ако уставните измени не се реализираат во предвидениот рок.
Неодамна високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, во изјава за Бугарското национално радио (БНР) појаснил дека нема пречки за пристапувањето на Македонија во Европската Унија.
На прашање на БНР какви ќе бидат следните чекори на Унијата доколку Македонија до ноември не го внесе бугарското малцинство во Уставот и не ги впише Бугарите како државотворен народ, Борел одговорил децидно дека најважни се европските принципи и стандарди при напредувањето на земјите кандидати, а билатералните прашања треба да останат надвор од целиот процес.
– С. Македонија добро напредува и од европска страна нема ништо што би го блокирало нејзиниот пристап во ЕУ. Во овој пристап строго ќе се почитуваат европските принципи и стандарди. За ова дефинитивно е неопходна добра соработка и регионалната соработка останува суштински елемент, како и стабилизацијата, за да може да се спроведе процесот на пристапување. Но, билатералните прашања нема да бидат обврзувачки и нема да го одредуваат процесот на пристапување – изјави еврокомесарот за надворешна политика Борел.
Ова е прва директна изјава на висок европски претставник што јасно става на знаење дека дури и да не се стигнат роковите во ноември, тоа не смее да биде никаква пречка во евроинтеграциите за Македонија ако таа продолжи да спроведува вистински реформи и се држи само до европските принципи и стандарди.
Борел става посебен акцент на регионалната соработка, што е во иста линија со планот на самата ЕУ за „Европа во две брзини“, со кој се предвидува процесот на пристапување да продолжи така што ќе се мотивира регионалната соработка на тој начин што нема да се дозволува земјите да бидат фрустрирани и да ја губат довербата во Европа поради ирелевантни билатерални прашања што немаат никаква врска со евроинтеграциите.

Ќе се бараат нови креативни решенија

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски оценува дека омекнувањето на ригидниот европски став околу уставните измени е само поради тоа што ЕУ гледа дека Унијата полека но сигурно го губи кредибилитетот кај македонските граѓани.
– Македонија нема да го промени Уставот, бидејќи расположението е такво што не прифаќа промени под уцени, диктати и нерационални барања. Можеби омекнувањето на ставот е поради големата гласност на македонските граѓани (не политичари) и ако се продолжи со притисоци, тоа ќе донесе уште повеќе негативен став и одбивност спрема ЕУ – смета Пекевски.
Тој останува на ставот дека Македонија е таа што дома треба да си ја заврши домашната работа околу потребните реформи и создавањето функционални институции ако сака да напредува како држава.
– Се подготвуваат веројатно некоја нова методологија и начин на прифаќање нови членки во Унијата и можеби новите пораки се дел од тие планови. Како и да е, додека ние дома не си ја завршиме работата со корупцијата и невладеењето на правото, едноставно нема да ја видиме ЕУ, без оглед какви пораки ни испраќа – категоричен е Пекевски.
И другите соговорници препознаваат малку поинаков пристап од ЕУ кога веќе станува извесно дека процесот на уставни измени во земјава, ако се турка насила, ќе предизвика уште поголема фрустрација кај македонските граѓани и дополнителен раст на евроскептицизмот.
– Во изјавата на Борел може да се насети одговорот што ќе се случи ако не се стигне навреме да се спроведат уставните измени. Очигледно сонцето повторно ќе изгрее, ќе се бараат нови креативни решенија и ако тие решенија подразбираат исклучување на билатералните прашања од пристапниот процес, тогаш тоа ни одговара. Ако ЕУ инсистира на регионалната соработка и на почитувањето на европските принципи и стандарди, тоа значи дека се враќа на старите пристапни правила. На крајот на краиштата, потребно е и малку време да спласне набојот во македонското општество, кој во најголем дел беше предизвикан од бугарска страна, и подоцна, во една посмирена атмосфера, надвор од пристапниот процес, да се решаваат прашањата со Бугарија. На тој начин ќе се намалат и тензиите меѓу двете земји, а веројатно и така полесно ќе се најде решение за она што сега некој сака со уцена и диктат да ѝ го наметне на Македонија – оценуваат соговорниците.