Магичен медиумски надреализам

Силниот технолошки подем е вгнезден во нашите кревки информациски тела и во нашата свест всади и приопшти софистициран технолошки алатки и придобивки што ни овозможуваат да бидеме дел од напредното глобално цивилизациско битие.
Битките на интернет и во бескрајот на социјалните мрежи и платформи се разгоруваат и токму таму се водат, а според многу показатели и во иднина ќе се водат, и политички одмерувања и пресметки, изборни кампањи, пропаганди, при што ќе победуваат најдобрите и информациски најподготвени и агилни политики. Дефинитивно влеговме во виртуелна доба, во која политичарите освен на теренот, еднакво ќе треба да се снаоѓаат и на интернет, Фејсбук, Твитер, Инстаграм… инаку ризикуваат да се претворат во модел, застарена метафора на преддигиталната доба. Проблемот е суштествен, не само политички.
На темата прогрес, напредок има една интересна анегдота по повод пуштањето во употреба на пругата од Бирмингем до Лондон некаде во 19 век. На пригодната прослава со мажоретки, шампањско, конфети, пиротехника и свечено украсена локомотива, сите се весели, бодри, како што им прилега на гордите Англичани. Сите се насмеани, раздвижени, благо возбудени, сите освен месниот свештеник, кој е во центарот на збиднувањето, но е сериозен, молчалив, резервиран. На прашање од некои од присутните што е причината што е невесел и безмалку резигниран, зар не се радува на новата придобивка, на прогресот што ќе го донесе брзиот транспорт… тој одговара мудро и свештенички достоинствено: „Прогрес, хм! Локомотивата и возот можат само побрзо да нѐ одведат од една во друга беда“.
Така и во приказните за интернет, Твитер, Инстаграм и за силните изборни борби што ќе се водат во иднина со нивна помош. Сето тоа, според некои воинствени кругови, е само една краткотрајна илузија, затоа што светот, а особено мудрите Македонци, во извесна смисла ја апсолвираа и оваа фасцинација. Со самиот факт што над 70 отсто од населението ги приопшти овие технолошки придобивки, како и секоја друга корисна алатка (автомобил, машина за перење, правосмукалка) и во исто време ја демистифицира, деконструира и ја претвори во само уште едно општо и корисно добро.

И еве уште една важна димензија што треба да се има предвид секогаш кога се анализира сферата на прогресот и кибернадежите. Современиот микрочип е место каде што на мал простор може да се меморираат и складираат милијарди информации и низ порталите и социјалните мрежи секогаш да им бидат достапни на корисниците. Но што со тоа. Проблемот е од суштествен карактер – информацијата сама по себе не претставува спознание. За да се направи креативен исчекор и да се создаде нова вредност се потребни конкретен напор, силна и континуирана наобразба, предзнаење, инаку се ризикува да се биде заробен во „мрежата“ и да станете лесен плен и случаен придонес што ќе го проголта незаситната виртуелизација. Времето и просторот се комплементарни во обликување на сетилните содржини, вели филозофот Имануел Кант, предвесник на уште една голема промена во науката, сфаќањето и толкувањата во контекст на разбирањето на времето кое не без квалитети и на просторот му го спротиставува интензитетот на доживувања, врз што подоцна се темели и надградува теоријата на релативноста на Ајнштајн итн.
Но ако практиката е критериум на вистината, ветувањата и резултатите на политичкото дејствување се огледаат, проверуваат и верифицираат единствено во реалниот живот. Сфаќањата дека во информатичко општество употребата на интернетот и другите средства за масовна комуникација ќе се користат како орудие за ментална навигација во изборни борби и победи личат на застарена метафора, која сѐ повеќе им станува товар и компликација и на самите политики.
Во прилог на горенаведеното, преамбициозна е и тезата дека таа (политиката) лесно ќе се справи со глобалните информациски придобивки и едноставно ќе ги впрегне во функција на своите политички потреби, од причина што и јавноста како дел на таа интеракција зрее. Па, така, прифаќањето и неумереното користење на медиумските обрасци во вид на виртуелна политичка акција веќе денес, а и во иднина, сѐ помалку ќе можат да бидат замена за реалниот и конкретен политички ангажман.

Стварноста создадена врз технолошка и жанровска разновидност во мрежата сѐ помалку ќе може да биде замена за вистинскиот живот. Човечкиот род е длабоко навлезен во постинформатичкиот универзум. Силниот технолошки подем е вгнезден во нашите навидум кревки информациски тела и во нашата свест и на сите еднакво ни овозможува да бидеме дел од глобалното цивилизациско битие. Но, сето тоа заедно не значи по автоматизам некаков антрополошки прогрес. Технолошкиот прогрес може да влијае на планот на удобноста и живење квалитетно време. Но, исто како и во анегдотата со возот и мудриот свештеник, може да нѐ одведе само од една во друга невнимателност и празнина. Нема сомнение дека интернетот и глобалните медиумски алатки ќе влијаат врз моделирањето и артикулирањето на реалноста во согласност со своите принципи, но во исто време ќе се развиваат како значајна перцептивна рамка што ќе го изострува нашето историско и цивилизациско чувство во современото живење. Светот сепак постои, а наше е да ја пронаоѓаме и практикуваме вистинската димензија.

Аљоша Симјановски