Пратениците од мнозинството и опозицијата и денеска ги спротивставија ставовите околу програмата за избор на новата влада. Во продолжението на собраниската расправа, ВМРО-ДПМНЕ ги повтори основните заложби – евроинтеграција на државата, борба против криминалот и корупцијата, развој на економијата, рамномерен регионален развој, приближување на власта до граѓаните, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите, градење добри односи со соседите и негување на меѓуетничките односи, а СДСМ изрази сомнеж во однос на програмата на идната влада.
За ВМРО-ДПМНЕ „ова е голем ден, зашто заминува најнеспособната и најкриминалната влада“, додека според СДСМ, „со чест на исклучоци, министрите кои се предлагат веројатно ќе истераат епизодна улога“.
Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ се осврна конкретно на програмата на новата влада. Рече дека прави сериозен скриниг на состојбите во државата наследени од СДСМ.
– Програмата е реформска и има за цел да го врати во живот секој сектор, наследуваме колапс, почнувајќи од економскиот сектор, здравствениот, образовниот, правниот и културолошкиот. Предвидуваме јасни мерки за разлика од претходната влада. Најавуваме веќе во вторник инвестиција од преку 400 милиони евра и серозна поддршка за локалните самоуправи со 250 милиони капитални инвестиции. Ќе бидат испорачани нашите стратешки приоритети, а и ќе донесеме многу поквалитетен живот, нешто што не успеа да испорача претходната влада – истакна Петрушевска.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека земјава не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ, а за тоа, како што напоменаа, е виновна претходната влада. Патот кон ЕУ, според нив, беше само декларативна заложба.
Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе продолжи работата за една изборна единица. Тој јавно, од говорница, ги покани турските пратеници да влезат во владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Расправата по програмата за новата влада треба да продолжи во 15 часот. Моментно, пратениците се на пауза.