Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Ормускиот Теснец, кој е блокиран од Иран, ќе биде отворен „многу брзо“, предупредувајќи дека Техеран ќе биде силно погоден доколку повторно се повлече од договорот.

– Ормускиот Теснец ќе биде отворен многу брзо. Ако тие повторно се повлечат, ќе бидат многу силно погодени – рече Трамп во интервју за Фокс њуз.

Трамп изјавата ја даде за време на посетата на јужна Калифорнија, каде што присуствуваше на вечера за собирање средства за Републиканскиот национален комитет, организирана на неговиот терен за голф во Ранчо Палос Вердес, во округот Лос Анџелес.

Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно изјави дека е постигнат напредок во разговорите меѓу Иран и Оман за повторно воспоставување на пловидбата низ овој витален пат за транспорт на нафта, но дека сè уште нема конечен договор.