Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите дадена во Берово оцени дека актуелната Влада нема кредибилитет и дека логични се барањата на опозицијата за предвремени избори.

– Имаме Влада која нема кредибилитет, а би рекол и политички легитимитет бидејќи главна нивна политика беа уставните измени под бугарски диктат, а тоа им се удира од ѕид. Поминаа 10 дена од дебатата за уставните измени, се гласаше по дневниот ред и јасно беше дека нема мнозинство за да се испорача тоа што треба, а тоа значи дека им се удира од ѕид – рече Мицкоски.

Согласно ова, како што додаде, логични се барањата за предвремени избори.

– Во отсуство на било која друга политика која би можела да ги кохезира работите, нормално е народот и опозицијата да бара час поскоро да се одржат предвремени избори имајќи предвид дека напролет се редовните избори, со што народот би добил Влада која има кредибилитет и политички легитимитет за да ги забрза процесите напред – рече Мицкоски.