Претседателската кампања на кандидатката за претседател Билјана Ванковска заврши во Кичево, каде што професорката Ванковска и носителката на кандидатската листа за пратеници на ИЕ5, Јована Мојсоска беа на народен собир со граѓаните.
– Народот во Кичево не е среќен со обележување на територии, мерење „чие знаме е поголемо“, туку имаат потреба за конечно да тргнеме од една мртва точка. Доста се веќе споменици преку кои се меморизираат настани кои не се драги никому од нас, туку потребно е гледање кон иднината. Ние нудиме поинаква иднина. Се обидов во текот на целата кампања да укажам дека на Македонија ѝ треба развој, не ѝ треба враќање во конфликтни води, ниту влегување во нови конфликти. За жал, некои од моите против-кандидати инсистираат дури и на натамошна милитаризација, дури и воено производство и учество во активни војни. Ние нудиме една сосема поинаква платформа која е важна за секој човек на кој му е доста од конфликти, од милитаризација итн. Едноставно, мора да продолжиме напред работејќи заедно – истакна Ванковска.