Од Македонија се очекува целосно да се деноминира, додека ЕУ се трансформира?!

Собраниската комисија за уставни прашања неодамна, без дебата, го проследи предлогот за уставни измени до Владата, која во следните денови треба да го подготви текстот на предлог-амандманите, кои потоа ќе бидат доставени до пратениците во пресрет на пленарната седница, која е закажана за 18 август. И додека во Македонија засега, без дебата, без широка јавна расправа, без вкрстување на ставовите и аргументите (или што би рекле криумчарски), се туркаат уставните измени, во Европа допрва претстои долга и неизвесна расправа во кој правец ќе оди Унијата токму по прашањето за нејзиното проширување. Апсолутната вистина што македонските граѓани и политичари мора да ја знаат (а некој упорно се обидува да ја прикрие и замаскира) е дека ЕУ во моментов сама не знае во кој правец ќе се движи. И тоа е ноторен факт, потврден директно од Брисел и од сите земји-членки. Вистината е дека ЕУ засега не знае дали воопшто ќе има проширување со нови членки, од каков вид би било тоа проширување, по која методологија, со колкав опфат итн. Многу неодговорени прашања и дилеми стојат пред Брисел. Во меѓувреме од Македонија се бара брзо да го смени Уставот, најдоцна до ноември, за наводно да зачекори по тој крајно неизвесен и непредвидлив европски пат. Непредвидлив и за ЕУ, но уште повеќе за Македонија, која доколку ги прифати предложените уставните измени во сегашната форма, има многу поголеми шанси да се разгради и деноминира себеси како држава отколку да стане дел од некое идно европско семејство. Затоа сега е вистинскиот момент да се отворат сите карти пред јавноста и граѓаните, и од страна на ЕУ и од страна на Македонија. За да знаеме точно на што сме и каде всушност одиме.
Притоа, македонските граѓаните бараат прецизни одговори и на следните актуелни прашања: Зошто пред македонската јавност и пред граѓаните сега, додека се во игра уставните измени, никој не кажува дека од Македонија се бараат национални и идентитетски жртви за наводен влез во некаква втора или трета европска лига? Дека практично се мисли и заговара парцијално, а не полноправно членство на Македонија во ЕУ? Дека треба да го смениме Уставот, да ги продадеме својот национален идентитет и вековно историско минато за грст европски пари, грантови или дотации? Сите овие прашања и дилеми заслужуваат одговор.


Оваа илузија околу (не)извесноста на европските интеграции мора да се расчисти и разбие веднаш. Македонските граѓани, јавноста и политичарите мора да бидат начисто и да знаат на што се. Пред себе мора да ги имаат сите факти и аргументи токму и за актуелните состојби внатре во Унијата, за да се донесе одлука дали сега вреди да се прават нови отстапки и жртви од наша страна или да се почека ЕУ прво да си ги среди состојбите внатре. Се наметнува и прашањето дали е потребно да се самообезличиме и уништиме до последната клетка за крајно неизвесен влез во некакваси трета европска лига и без права што ги имаат и уживаат полноправните членки на ЕУ. Токму овие прашања и дилеми мора да бидат во фокусот на јавноста и на домашните политичари при носењето на одлуките, зашто последиците од евентуална брзоплетост и погрешни одлуки може да бидат трагични за македонските граѓани и за државата. За тоа какви се моменталните состојби во Унијата и меѓусебните длабоки поделби во однос на проширувањето предупредуваат и некои од аналитичарите, кои апелираат на крајна претпазливост од Македонија, за да не се изгориме пак, како многупати претходно.
– Последните сигнали што доаѓаат од ЕУ само потврдуваат дека Брисел ги паркира земјите од нашиот регион таму каде што припаѓаат – во Западен Балкан.

И на тоа паркиралиште ќе останеме подолг рок, веројатно следните неколку декади, сѐ додека како држави целосно не се реформираме во сите области за да не ги кочиме и реформите на самата Унија. На сите треба да им биде јасно дека дотогаш (во следните неколку декади) нема да има целосна ЕУ-интеграција на државите-кандидати, вклучувајќи ја и Македонија. Земете го само последниот пример со злоупотреба на европските пари кај нас, што допрва ќе се истражува. Зарем некој верува дека по овој најнов скандал, по катастрофалните состојби во правосудството, високата корупција, невладеењето на правото, брзо ќе ни ги отворат вратите и ќе нѐ примат?! Тоа е ширење лажна надеж и илузија пред народот, кој не е лековерен како што можеби мислат политичарите – велат аналитичарите.
Инаку, ставот на Франција и на Германија, како движечки земји и мотор на Европската Унија, е дека прво треба да има реформа на Европската Унија, па дури потоа да се размислува за проширување. Истото мислење го делат и Данска, Холандија, Австрија, но и други земји-членки на Унијата. Внатрешните реформи во Унијата пак се долг и комплициран процес, кој може да трае со децении. Оттаму за добрите познавачи на состојбите во Унијата, бугарските апсурдни барања и условувања кон Македонија не се изненадувачки и зад нив стои некој поголем центар на моќ внатре во ЕУ. Суштината е преку ваквите игри и меѓупотези (претходно Грција, сега Бугарија) да се замрзне дебатата за проширувањето на долг рок, за Унијата да се посвети на решавање на многубројните внатрешни проблеми и предизвици, кои, пак, воопшто не се мали.