СДСМ ја почна кампањата за парламентарните избори
Убеден сум дека за 20 дена од денеска заедно ќе ставиме печат на голема победа и успех за европска Македонија. СДСМ и Коалицијата за европска иднина ќе добијат голема поддршка од граѓаните и ќе ја формираме новата Влада која најдоцна до 2030 година ќе ја однесе државата во ЕУ, но и ќе ја донесе Европа тука во Македонија, порача денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и носител на Изборната едница 1 на настанот „Нема откажување од иднинатата“, со кој што СДСМ ја стартуваше кампањата за парламентарните избори.
Ковачевски ги претстави резултатите од работењето во досегашниот мандат и ги изнесе плановите за економијата, поддршка на граѓаните, компаниите, за борба со корупцијата…
Свесни сме, рече Ковачевски, и дека направивме голем број грешки и преземам одговорност за тоа.
– Знаеме дека граѓаните се разочарани од растот на цените, од корупцијата, самоволието, неработењето и злоупотребите на дел од политичарите. Да, граѓаните се во право и ги прифаќам нивните критики за направените грешки. Само оној што е самокритичен и свесен за своите грешки има моќ да ги исправи. Затоа креиравме издржан и остварлив план што е преточен во нашата програма за наредните четири години – наведе Ковачевски.
Најави, како што рече, конечна, решителна и поефикасна борба против криминалот и корупцијата.
– Нема веќе да има предмети по фиоки и конечно ќе го спроведеме ветингот на судиите и јавните обвинители, кому тоа му се свиѓало или не ќе започне прво од кандидатите за пратеници во Првата изборна единица, ќе продлжи со политичарите и ќе се пресели кај судиите, обвинителите и кај сите оние кои во изминатите 32 години „згрнаа“ богатство – рече Ковачевски.
Нашиот главен фокус, посочи, останува членството во ЕУ и нема друга алтернатива да изградиме држава како што посакуваме.
– ЕУ е единствениот начин да се сменат работите на подобро.Нема откажување од завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и исполнување на сонот Македонија да биде дел од ЕУ до 2030 година – рече Ковачевски.
Упати критики до опозициската ВМРО-ДПМНЕ на која и порача дека „со манипулации со зборење едно зад врата а друго на улица не се води држава“.
Меѓу останатото најави дека раководни места во министерствата и институциите ќе има само за оние што навистина го заслужуваат тоа со својата посветеност и професионалност.
Настанот почна со видео обраќање од членот на германската сестринска партија ПЕС, Олаф Шолц, со порака дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Македонија и државите од Западен Балкан.