Трговецот од Линдау

Пред неколку дена, францускиот прекуокеански остров Реунион беше зафатен од силно невреме. Ураганот Белал дуваше до 200 километри на час и направи вистински климатски хаос. Илјадници семејства останаа без електрична енергија, надојдената вода носеше пред себе куќи, возила, покуќнини, електрични бандери, а ветерот корнеше високи дрвја и ги носеше на сто или двесте метри подалеку од местото на кое никнаа. Во сивилото на невремето, ураганот голташе сѐ пред себе, чиниш небото и земјата се имаа споено во едно.
Ваквите климатски појави ги има и во денешно време, ги имало и пред стотици години. Денес лесно е да ги забележиме бурите и тајфуните, техниката е дојдена до перфекција, секој од нас со својот мобилен лесно може да регистрира кога сонцето грее и кога е вакво невреме какво што се случи на францускиот Реунион.
Заслугата што имаме докази за тоа какви времиња или невремиња се случуваа низ вековите им припаѓа на ликовните творци, се разбира и на мајсторите на зборот, кои, едните и другите, наоѓале време и интерес да ги забележат временските промени што се случуваа во нивното време.
Во античкиот период и во високата ренесанса интересот или погледот на сликарите и скулпторите беше насочен кон човекот и сѐ што го опкружува него. Кога ликовните творци излегоа надвор од своите ателјеа и приборот за сликање, штафелаите ги поставија на отворен простор, се родија и првите пејзажи, најчесто со убаво време, но некои од похрабрите сликари покажаа интерес и кон времето во кое се случуваа драстични промени проследени со дожд, снег, на копно и на море и океан. Така се родија и првите пејзажи во кои се забележани морбидните сцени што ги создаваат бурите, ураганите или морските тајфуни.
Еден од тие сликари е Питер Пол Рубенс, роден во 1577 година, во Сиегл-Вестфалија. Рубенс има изработено неколку слики со тематика на силно невреме. Една од нив е со наслов „Бура“, друга означена со „Пејзаж со невреме“, во кои Рубенс го има забележено мигот кога небото, облаците полни со дожд се истураат врз земјата и кога ги гледате го имате повторно истото чувство од пред петстотини години, како небото да се спојува со земјата. Има и други важни сликарски работи врзани за Питер Пол Рубенс, за жал овој пат за него толку. Питер Пол Рубенс почина во 1640 година во Анвер.
Други ликовни творци што сакаа да сликаат разбранувано време е и Јакоб ван Рејсдал, роден во 1622 година во Арлем, кој почина во 1682 година во истиот град. Јакоб има насликано неколку дела во кои е претставено невремето. „Невреме во шумата“ е една од неговите слики, а друга позната е „Бура во море“.
На британскиот остров го имаме Џон Констабл, роден во 1776 година во Брајтон. Констабл својот сликарски поглед го има насочено кон угоре, негов главен сликарски елемент или мотив е небото со неговата шареноликост на форми од облаци. Џон Констабл има изработено слики со бурно време, една од нив е „Пејзаж со дождовни облаци“, сликана околу 1824 година, во околината на Брајтон. Констабл заминува од овој свет и оди во неговиот, во небото, во 1837 година.
Вилијам Тарнер е еден од познатите ликовни творци од Обединетото Кралство, некои мислат и најзначаен сликар на Англија, а нему му се припишува и дека е предвесник на импресионизмот. Моне, Сезан, Мане, Сисле и Писаро се воодушевуваат на неговите слики полни со колоритна ликовна драматика. Многу од нив се полни со импресивно невреме, како сликите „Снежна бура во море“ и „Бура на копно“. Вилијам Тарнер, познат како еден од најмистичните сликари од англискиот остров, роден во Лондон во 1775 година, почина во 1851 година во Лондон.

Го споменавме и импресионизмот, период во кој дејствуваат мноштво сликари што сликаат пејзажи, но со друг ликовен поглед, би рекол аристократски и богат со имиња, кои во пејзажот како мотив вметнаа силни ликовни вредности. Сега гледаме на драматичниот пејзаж, ако така можам да се изразам.
Треба да се споменат и нашите ликовни дејци што биле наклонети кон пејзажот, иако овде на Балканот времето е покротко во однос на другите европски и светски простори. Затоа и нашите сликари, како Белогаски, Личеноски, Пандилов и Коџоман, а од новите генерации Владимир Георгиевски, биле наклонети кон спокоен пејзаж, надвор од урбаниот простор.
За крај да преминеме во поинакво време, не климатско, изборно или политичко, туку да влеземе во мисловно време, кое излегува од поинакви ликовни дела. При еден мој престој во Париз, во градот на уметностите, се запознав со сликар, колега од Минхен, Германија, Андреус кој беше во придружба на русокоса девојка, исто така Германка. Во два наврата ме поканија во нивното ателје, редно беше да ги поканам во моето.
Кога дојдоа, со интерес гледаа во некои мои цртежи што ги имав закачено на еден од ѕидовите од ателјето, а потоа Андреус ме запраша: „Дали знаеш некој германски сликар од кој било временски период?“ Не очекував вакво прашање, но сепак му одговорив: „Познавам некои од делата на Груневалд, на Ханс Холбајн, од Лукас Кранах, слики и гравури имам видено од Алберт Дирер“. По мојот одговор, заедно со девојката почнаа гласно да се смеат. Потоа ми постави друго прашање: „Дали знаеш некое дело од Дирер на кое можеш да се сетиш?“ Второто прашање на Андреус ми стана уште почудно, сепак пак му одговорив: „Ми се допаѓа гравурата ’Меланхолија’, која е полна со ликовна мистика.“
Двајцата почнаа повторно да се смеат. „Бидејќи го обожаваш Дирер, ќе ти раскажам една чудна приказна за која и јас не знам дали е вистинита“, рече Андреус. Потоа продолжи: „Дирер беше познат сликар, еден ден кај него дошол трговец по име Освалд Крел, од месноста Линдау, и на Дирер му рекол: Господине Дирер, сакам да ми изработите портрет, ќе ви платам колку сакате. Дали се согласувате?, запрашал трговецот. Зошто да не, одговорил Дирер.
Дирер го работел портретот неколку месеци и кога бил готов, Дирер му го покажал на Освалд. Тој по долго гледање му споменал на Дирер: Господине Дирер, бидејќи во портретот не се препознавам, дали ќе се согласите да го избришете, за тоа ќе ви платам тројно повеќе од тоа што сме се договориле?

Зошто да не, утре донесете ги парите, од моја страна ќе ви го покажам избришаниот портрет, кој ќе биде бел, рекол Дирер.
Наредниот ден Освалд Крел му ги дал на Дирер парите и рекол: Господине Дирер, мислам дека завршивме голема работа! Не голема, господине, туку завршивме величествена работа, одговорил Дирер.
Пријателе од Македонија, дали ја разбра поентата на приказнава? Дирер воопшто не го избришал портретот на Освалд Крел, туку му покажал бело платно. Денес портретот на Освалд Крел, трговец од Линдау, се наоѓа изложен во Пинакотеката од Минхен. Можеш да си го замислиш тоа? Дирер го сместил Освалд Крел во ликовната историја без да сака тој и без да биде свесен колку добар портрет му изработил Дирер“, ми спомена Андреус.
Има и такви работи! Може да ми кажете зошто се смеете?
„Пријателе, пред неколку години бевме во Македонија, во Охрид, каде што ги видовме фреските од црквите и си рековме ајде да те прашаме дали ти знаеш нешто од германската ликовна историја. Мислам нема да ни замериш“, рече Андреус, со пријателска насмевка готова да излезе од нивните лица.