Избегната нова закана врз животот на американскиот претседател
Пукањето на саботната годишна вечера на Здружението на дописници од Белата куќа, по кое Доналд Трамп беше евакуиран од хотелот „Вашингтон Хилтон“ во главниот град на САД, од страна на агенти на Тајната служба, е последен инцидент во низата опасни ситуации во кои безбедноста на американскиот претседател беше загрозена. Заканите датираат од првата изборна кампања на Трамп во 2016 година, а меѓу нив има два обида за атентат, заговори за убиство наводно поддржани од странска држава и неколку нарушувања на безбедноста.
Инцидентот се случил на самиот почеток на официјалната програма на настанот во Вашингтон кога се слушнала силна бучава во близината на еден од влезовите на балската сала, при што осомничениот напаѓач упатил неколку истрели од огнено оружје. Според првичните информации, станува збор за 31-годишен маж од американската сојузна држава Калифорнија, кој бил вооружен со „пушка, пиштол и повеќе ножеви“, при што нападнал контролен пункт со огнено оружје. Се смета дека осомничениот дејствувал сам, односно немал соучесници. Припадник на Трајната служба бил погоден со куршум во заштитниот елек, по што поминал без посериозни повреди. Американските надлежни служби соопштија дека осомничениот напаѓач бил приведен набргу по нападот.
Настанот на Здружението на дописници од Белата куќа привлекува стотици медиумски личности, владини претставници, корпоративни директори и други јавни личности во хотелот „Хилтон“ на свечена вечера со говори и забава. Трамп досега го избегнуваше настанот, а неговото планирано присуство годинава беше објавено во пресрет на вечерата.
Трамп досега преживеа два претходни обида за атентат. Двата инцидента укажаа на потфрлања на Тајната служба, што доведе до истраги и чистки на раководството во агенцијата. Освен тие обиди, Трамп се соочи со низа други заговори, закани и безбедносни прекршувања. Р.С.
Хронологија на нападите врз американскиот претседател Доналд Трамп
Трамп на нишан
Политичката кариера на Доналд Трамп, од неговиот прв мандат, па сè до обидот за враќање во Белата куќа, е обележана со серија сериозни безбедносни инциденти и експлицитна демонстрација на политичко насилство на радикализирани поединци или групи граѓани.
Динамиката и интензитетот на овие феномени се сѐ позабележителни во современата американска историја. Во продолжение следува хронолошки преглед на најзначајните обиди за атентат и закани, базиран на објави во американските и во други релевантни европски медиуми.
Рани инциденти и предупредувачки сигнали (2016–2020)
1. Обид за одземање оружје од полицаец Лас Вегас (јуни 2016)
Уште за време на претседателската кампања, британскиот државјанин Мајкл Сендфорд се обидел да му го одземе оружјето на полицаец со намера да пука кон тогашниот кандидат Трамп. Нападот бил спречен навреме.
2. Писма со отровна супстанција – (2018 и 2020)
Американската Тајна служба пресретнала повеќе пратки адресирани до Трамп што содржеле рицин, силно токсична супстанција. Овие случаи дополнително ја нагласиле ранливоста на претседателската безбедност надвор од јавните настани.
Напади за време на мандатот
1. Обид на маж да се забие со виљушкар во претседателскиот автомобил – Северна Дакота (септември 2017)
Еден маж се обидел да украде виљушкар со намера да се забие во претседателската лимузина. Инцидентот бил спречен пред да дојде до директна опасност.
Кулминација на насилството во изборната 2024 година
2. Пукање во Батлер, Пенсилванија (13 јули 2024)
Најдраматичниот инцидент се случи за време на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија.
Куси детали за потсетување на инцидентот:
• Напаѓач: Томас Метју Крукс (20 години)
• Тој испукал повеќе куршуми од покрив на блиска зграда
• Последици: Еден куршум го зафатил увото на Трамп; еден посетител загинал, двајца биле ранети, а напаѓачот бил елиминиран
Фотографијата на Трамп со крваво лице и крената тупаница стана еден од најмоќните симболи на кампањата.
3. Заседа на голф-терен – Флорида (15 септември 2024)
Само два месеца подоцна, нов инцидент во Вест Палм Бич. Следуваат неколку куси детали и од тој инцидент.
• Напаѓач: Рајан Весли Рут
• Скриен со пушка го чекал Трамп со часови
• Агент на Тајната служба забележал цевка од оружје
• Исход: Напаѓачот избегал, но бил уапсен благодарение на сведок
Најнови закани и зголемена тревога (2026)
4. Инцидент во хотелот „Хилтон“
– Вашингтон (25 април 2026)
Во „Вашингтон Хилтон“, за време на вечерата на новинарите:
• Осомничен: Кол Томас Ален (31)
• Настан: Извлекол оружје
на безбедносен пункт
• Пронајдено: Сачмарка, пиштол и ножеви
• Брза реакција на обезбедувањето спречила потенцијален напад
Америка во состојба на постојана подготвеност
Серијата инциденти доведоа до значајни промени во безбедносните протоколи, и тоа задолжително зголемен број агенти на терен, засилени проверки на присутните, поставување непробојни стакла на митинзите итн.
Овие настани ја рефлектираат длабоката политичка поларизација во САД, но и новата реалност во која безбедноста на лидерите станува приоритет од највисок ранг.
Хронологијата на нападите врз Доналд Трамп открива континуирана ескалација на ризици, од изолирани инциденти до координирани обиди за атентат. Без разлика на политичките позиции, овие случувања отвораат суштинско прашање. Имено, дали САД се подготвени да се справат со новата ера на политичко насилство? Р.С.
ДАЛИ АМЕРИКАНСКИОТ СИСТЕМ МОЖЕ ДА ГО ОГРАНИЧИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ?
Моќта и (не)стабилноста на Т-вага
- По повеќе од една година воздржаност, забележливо е веќе дека сè погласни се повиците од различни делови на американското општество, од правни експерти, дел од Конгресот, па и од поранешни сојузници на претседателот Трамп, дека „претседателот треба да закочи“ во своите амбиции, особено воени. Аргументите што се презентираат не се сведуваат само на политички несогласувања туку се насочени кон прашањето за неговата „способност да ја извршува функцијата“. Овие критики го нагласуваат впечатокот дека неговото однесување „станува сè поимпулсивно, поагресивно и потенцијално опасно“
Во американскиот политички систем постојат теми што со години остануваат затворени зад вратите на пристојноста, политичката калкулација и стравот од последици. Една од нив е прашањето за предвремено отстранување претседател од функцијата – механизам што формално постои, но ретко се активира без длабока системска криза. Денес, таа тема повторно излегува на површина, поттикната од сѐ поголемите изливи на загриженост во јавноста околу однесувањето и одлуките на Доналд Трамп во самите Соединети Американски Држави.
Растечки притисок од различни центри на моќ
По повеќе од една година воздржаност, забележливо е веќе дека сè погласни се повиците од различни делови на американското општество, од правни експерти, дел од Конгресот, па и од поранешни сојузници на Трамп, дека „претседателот треба да закочи“ во своите амбиции, особено воени. Аргументите што се презентираат не се сведуваат само на политички несогласувања туку се насочени кон прашањето за неговата „способност да ја извршува функцијата“.
Овие критики го нагласуваат впечатокот дека неговото однесување „станува сè поимпулсивно, поагресивно и потенцијално опасно“. Во политички систем каде што стабилноста и предвидливоста се сметаат за клучни, ваквите оцени претставуваат сериозен сигнал за вклучен аларм што предупредува дека нешто „ќе се презема“. Но прашањето е што? И дали воопшто нешто ќе се стори по таа основа?
Од партиска пресметка до институционална криза
Вообичаено, разговорите за т.н. импичмент или активирање на 25-от амандман се гледаат како дел од политички реваншизам или медиумска сензационалност. Но, во овој случај, ситуацијата добива поинаква тежина, со оглед на фактот што Трамп со своите политики брзо еволуира, од внатрешен фокус на преструктурирање на Америка од неолиберална кон суверенистичка, тој набргу го смени надворешнополитичкиот курс и од противник на војните стана нивен приврзаник со империјални елементи за хегемонизам?! Имено, во еден таков контекст, тежината е поголема за Трамп бидејќи станува збор за претседател што располага со огромна моќ. Тој има контрола врз најголемата воена сила во светот, пристап до нуклеарен арсенал, способност да влијае врз глобалните пазари преку санкции и трговски мерки…
Дискусијата затоа не останува на ниво на внатрешнополитички конфликт, туку се префрла во центарот на институционалното функционирање на американската држава на глобално ниво.

Глобални импликации на претседателската непредвидливост
Кога таква моќ е концентрирана во рацете на личност чие однесување се оценува како нестабилно, прашањето за нејзината способност да владее повеќе не е само внатрешно американско прашање. Тоа станува прашање од глобална безбедност.
Изјавите што вклучуваат закани за уништување цели држави на сите континенти, потоа јавни настапи исполнети со навреди, контрадикторности и самофалење, дополнително ја поткопуваат довербата во институционалната стабилност. Соединетите Американски Држави се глобален актер и секоја нестабилност на врвот има последици далеку надвор од нивните граници.
Дваесет и петтиот амандман: правна можност или политички ризик
Активирањето на 25-от амандман, кој овозможува потпретседателот и кабинетот да иницираат постапка за отстранување поради „неспособност за вршење на должноста“, е особено чувствително прашање. Тој механизам никогаш не бил целосно искористен во ваков контекст и неговата примена би отворила сериозни уставни и политички дилеми.
Од друга страна, импичментот како процедура веќе има преседани, но секогаш бил длабоко политизиран и зависен од партиската динамика во Конгресот.
Колкав обем има загриженоста
на јавноста во Америка?
Она што ја прави оваа ситуација поразлична е ширината на загриженоста. Кога критиките не доаѓаат само од опозицијата туку и од делови на правната заедница и поранешни политички сојузници, тоа укажува на влегување во подлабока институционална криза.
Прашањето повеќе не е дали некој се согласува со извршните политики на претседателот, туку дали системот може да наметне внатрешна и глобална стабилност под негово водство. Истовремено, отворањето на оваа тема ја покажува и силата на американската демократија. Фактот што постојат механизми за контрола на извршната власт, како и подготвеноста тие да се разгледуваат во критични моменти, е доказ за институционална зрелост.
Но, исто така, открива и колку системот е изложен на притисоци кога се соочува со лидер што ги тестира неговите граници.
Не е проблем идеологијата, туку спорното однесување, импулсивноста и непостојаноста
На крајот, прашањето за отстранување на претседателот во САД не е само правно или политичко прашање туку тоа е длабоко морално и институционално прашање. Дали е поголем ризик да се остави лидер со спорно однесување на власт, со постојана превртливост, непредвидливост и импулсивност или да се остави простор за еден преседан? И дали тој преседан може да се злоупотреби во иднина? Многу од оние што го отвораат ова прашање не го гледаат проблемот во „трампизмот“ како идеологија, односно кон суверенистичкиот пристап или кон „МАГА“.
Одговорот на ова прашање ќе има долгорочни последици не само за американската политика туку и за глобалниот поредок. Оваа дебата, која долго време беше табу, денес станува неизбежна. И токму во начинот на кој ќе се води и реши ќе се огледа вистинската состојба на американската демократија. Р.С.

































