Уште на првиот ден од својот претседателски мандат, американскиот претседател Трамп потпиша серија уредби со законска сила што се однесуваат на правното регулирање широк спектар прашања: од имиграција, преку регулативи за нафтени дупчења, за напуштање на Светската здравствена организација (СЗО), потоа за рестрикции на администрацијата за работа од дома, за ресетирање на третманот на САД кон Куба, за Парискиот климатски договор, за Украина, па сѐ до амнестирање лица што учествуваа во протестите во Вашингтон на 6 јануари 2021 година, по победата на Џо Бајден на претседателските избори во ноември 2020 година
Преглед на покарактеристичните уредби и извршни наредби што ги потпиша новиот американски претседател Трамп веднаш по инаугурацијата
Американскиот претседател Доналд Трамп уште на првиот ден од својот мандат потпиша серија правни акти т.н. уредби со законска сила (и извршни наредби) што се однесуваат на правното регулирање широк спектар прашања. Потпишаните правни акти ги исполнија очекувањата на неговите гласачи, бидејќи Трамп, со депонирање на својот потпис на документите уште на првиот ден, промптно исполни дел од ветувањата дадени за време на изборната кампања.
Во продолжение, за читателите на „Нова Македонија“ ги издвојуваме најкарактеристичните правни акти потпишани од претседателот Трамп што светската јавност ги квалификува како најинтересни.
1. Уредби и наредби во врска со имиграцијата во САД
Трамп потпиша повеќе различни извршни наредби насочени кон преобликување на начинот на кој САД управуваат со начинот на имиграција и добивање американско државјанство. Претседателот Трамп прогласи национална вонредна состојба на јужната граница на САД и вети широка операција за масовна депортација во која ќе биде вклучена војската. Трамп, исто така, потпиша извршна наредба за одземање на државјанството на САД за лица родени на територијата на САД (jus soli, односно добивање државјанство по основа на раѓање). Но, според правните експерти, со оглед на тоа што стекнувањето американско државјанство по основа на раѓање на територијата на САД е вградено во Уставот на САД, овој потег на Трамп сигурно ќе се соочи со одреден правен предизвик.
2. Уредба за повлекување од Парискиот климатски договор
Трамп ги повлече САД од Парискиот климатски договор, повторувајќи ја акцијата што ја презеде за време на неговиот прв мандат (2017-2020 година). Тој ќе има рок од една година да го напушти Парискиот договор откако ќе поднесе формален поднесок – известување до Обединетите нации (ООН).
3. Уредба за напуштање на Светската здравствена организација (СЗО)
Трамп потпиша извршна наредба за повлекување на САД од Светската здравствена организација. И во неговата предизборна кампања, тој протестираше на тарифите што ги има САД, а кои се повисоки во однос на тарифата што ја плаќа Кина во ова тело на Обединетите нации (ООН).
4. Уредба во врска со Куба
Со овој правен акт, Трамп ја врати Куба на „црната листа на држави спонзори на тероризмот“. Со ова, Трамп ја измени неодамнешната одлука на Бајден да ја отстрани Куба од списокот, како дел од договорот за ослободување затвореници.
5. Уредба за социјалната мрежа Тикток
Претседателот Трамп нареди 75-дневна пауза во спроведувањето на законот со кој ефективно ќе се забрани социјалната мрежа Тикток. Неговиот потпис на таа уредба го одложи спроведувањето на законот што стапи во сила неодамна, со што се забрануваат дистрибуција и ажурирање на Тикток во САД. Трамп смета дека матичната компанија сопственик на таа апликација „мора да се согласи да им продаде педесет отсто од акциите на САД“.
6. Уредба за регулирање на дупчењата за нафта и гас
Претседателот Трамп потпиша извршна наредба за прогласување „национална енергетска вонредна состојба“ со цел во САД значително да се прошири опсегот за дупчење и експлоатирање нафта и гас.
7. Уредба за прекин на работата од дома
Со таа наредба на претседателот Трамп се бара од федералните работници да се вратат во своите канцеларии во администрацијата со полно работно време. На овој начин, Трамп се обидува да ги врати во поранешната состојба поголемиот дел од приспособувањата за административните работници, кои беа воведени за време на пандемијата на ковид-19.
8. Уредба за помилување граѓани
Претседателот Трамп потпиша помилување за околу 1.500 учесници во нередите пред Конгресот на САД, Капитол, на 6 јануари 2021 година. Тогаш толпа револтирани граѓани се обидуваа да ги поништат изборите во 2020 година.
9. Уредба за доселениците од Западниот Брег (реката Јордан)
Трамп ги укина санкциите против израелските доселеници на Западниот Брег, кои беа обвинети за злоупотреба на Палестинците. Тој со тоа ја поништи одлуката донесена од претходната администрација на експретседателот на САД, Џо Бајден.
За издвојување е дека новиот претседател на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која се поништуваат 78 одлуки донесени за време на претседателствувањето на неговиот претходник Џо Бајден, вклучувајќи извршни наредби, меморандуми и други мерки. Р.С.
Уредба за суспензија на помошта од САД за други земји
Помошта за Украина е суспендирана
Во продолжение, пренесуваме карактеристичен дел на текстот од потпишаната уредба што ја регулира материјата што се однесува на „суспензија на американска помош за други земји, за рок од 90 дена, вклучувајќи и за Украина, за што во дадениот рок на суспензијата ќе се спроведе детална ревизија“.
… „Помошта на САД за други земји не е усогласена со американските интереси. Во многу случаи таа е во спротивност со американските вредности. Тоа е во функција на дестабилизирање на светскиот мир, преку промовирање идеи во странски земји, кои се директно спротивставени на создавање хармонични и стабилни односи во и меѓу земјите“…
… „Сите раководители на сектори и агенции одговорни за програмите за надворешна развојна помош на САД веднаш ќе паузираат со новите обврски и исплати од фондовите за развојна помош на САД за странски земји, за невладини организации, за меѓународни организации, во очекување преглед за изготвување програми за конзистентност, ефективност и усогласеност со надворешната политика на САД, која ќе се спроведе во рок од 90 дена од оваа уредба, преку Канцеларијата за управување со буџетот“… Р.С.