Европските ад хок решенија не секогаш се совпаѓаат со изворните принципиелни (европски) принципи и критериуми - Фото: Нова Македонија

Зошто на ЕУ сѐ потешко ѝ паѓа соочувањето со предизвикот од длабоки внатрешни реформи

Нејасно е за јавноста зошто во извештајот на Европската комисија (ЕК) се наведува дека е „неможно да се бара одговорност“ за ваквите тешки прекршувања на демократијата и владеењето на правото во една членка на ЕУ, како што е Бугарија?! Тоа се сериозни констатации од Брисел. Но уште посериозна е констатацијата дека ЕУ нема никакви алатки и механизми да бара одговорност од Софија!? Тоа само покажува на експлицитен начин дека ЕУ системски почнува да дава загрижувачки симптоми на дисфункционалност и неможност да ги следи својата мисија и визија како демократски блок на држави од највисок ранг!?

Европската Унија изрази загриженост за исклучителни тешкотии за спроведување на основниот демократски принцип на една држава, а тоа е поделбата на власта и независноста на судството во Бугарија. Имено, уште откако Бугарија ѝ се приклучи на Европската Унија во 2007 година, властите во Софија имаат исклучителни тешкотии со принципот на поделба на власта, односно со принципот на владеењето на правото.

ЕУ донесе резолуција со која се осудува Бугарија за непочитување на владеењето на правото

За потсетување, во 2020 година Европскиот парламент донесе резолуција со која се осудува Бугарија за непочитување на владеењето на правото. Исто така, за издвојување е фактот што Канцеларијата на европското јавно обвинителство отвори истрага за корупција и потенцијална злоупотреба на средствата на ЕУ наменети за обновување на главниот град Софија. Во својот августовски извештај за владеење на правото за 2023 година, Европската комисија (ЕК) ја издвои неможноста да се бара одговорност од главниот обвинител, како и за „политичкото влијание врз судскиот систем“!

Нејасно е за јавноста зошто во извештајот на ЕК се наведува дека е „неможно да се бара одговорност“ за ваквите тешки прекршувања на демократијата и владеењето на правото во една членка на ЕУ, како што е Бугарија?! Тоа се сериозни констатации од Брисел. Но уште посериозна е констатацијата дека ЕУ нема никакви алатки и механизми да бара одговорност од Софија!? Тоа само покажува на експлицитен начин дека ЕУ системски почнува да дава загрижувачки симптоми на дисфункционалност и неможност да ги следи својата мисија и визија како демократски блок на држави од највисок ранг!?
– Неизбежно е да се има некакво сузбивање на корупцијата (во Бугарија, н.з.), но до каде се подготвени да одат политичарите останува да се види. Со текот на годините одредени партии покажаа дека се заинтересирани да имаат политички зависно судство – рече за „Политико“ Евгениј Даинов, политиколог од Софија.

Бугарската влада сака да се оттргне од своето корумпирано портфолио

Според годишниот преглед на судските системи меѓу земјите-членки на ЕУ, само 30 отсто од Бугарите ја опишуваат независноста на судовите и судиите како „доста или многу добра“, а мнозинството ја опишува како лоша или многу лоша состојба.

Во контекст на истото тоа и во насока на посакувани реформи со кои Бугарија ќе се оттргне од своето портфолио полно со коруптивни поведенија, на крајот на јули група пратеници од коалициската влада поднесоа во парламентот предлог-закон за промена на Уставот и за почнување на судските реформи.
– Имањето 166 потписи на овој предлог-закон значи дека имаме доволно гласови за да ги донесеме уставните амандмани до крајот на годината. Веќе 10 години зборуваме за реформи во судството, крајно време е да ја затвориме таа страница – изјави Десислава Атанасова, пратеничка од ГЕРБ, по поднесувањето на предлогот.

Некои предлози вклучуваат реструктурирање на бугарското јавно обвинителство, ограничување на овластувањата на главниот обвинител и дозволување на Бугарите да поднесуваат петиција до Уставниот суд, предлог што во моментов е достапен само за институциите.

Не само што бугарската влада сака да се оттргне од своето корумпирано минато туку во анкетите во Бугарија мнозинството граѓани се надеваат на конечно оддалечување од таквите личности, како поранешниот разрешен главен обвинител Гешев. Интересна ситуација во Бугарија е токму таа со поранешниот обвинител Иван Гешев, кој сега сака да влезе во политиката!? Но едно истражување, спроведено од софискиот анкетар „Алфа рисрч“, од јуни покажува дека само 3 отсто од Бугарите би гласале за Гешев доколку влезе во политиката.

Ставови на реномираниот „Политико“ за владеењето на правото во Бугарија: „Мафијашка држава“ во ЕУ?

Бугарија долго време беше идентификувана како главна слаба точка на владеењето на правото во Европската Унија, каде што организираните криминални банди и Русите имаат контрола над политиката во земјата, пишува „Политико“.

Расчистувањето на судството требаше да биде главен дел од решавањето на тој проблем. Разрешувањето на бугарскиот обвинител Иван Гешев требаше да означи почеток на пресвртот од она што беше наречено „мафијашка држава“. Без неговата способност да ги запре истрагите, се појави надежта дека сега ќе бидат можни значајни реформи. Навистина, во големиот развој на ситуацијата по неговото заминување, европскиот јавен обвинител овој месец започна акција во соработка со бугарската полиција и безбедносните служби за да спроведе рации за злоупотреба на фондовите на ЕУ – еден од клучните извори на приход на мафијата, се наведува во анализата на „Политико“.

Сепак, како што пишува „Политико“, останува прашањето дали отстранувањето на Гешев е едноставно козметичко. На крајот на краиштата, тој беше заменет со човек што долго време беше негов заменик. Системските промени на корените и гранките сè уште изгледаат како далечни.
– Живееме во земја каде што неколку луѓе одлучуваат во зависност од нивните деловни и/или политички интереси, најчесто дејствувајќи против владеењето на правото и јавниот интерес – рече адвокатот за човекови права Михаил Екимџиев, осврнувајќи се на неодамнешните судски скандали.

Според поранешниот премиер на Бугарија Петков, не можете никого да гоните, на улица, во парламентот или во кабинетите на премиерот без нормално функционирање на судскиот систем.
– Додека Бугарија не го расчисти тоа и нема институционална рамка, ќе продолжиме да ги водиме овие политички борби без краен резултат – изјави Петков во свое неодамнешно интервју.

Поранешниот обвинител го возвраќа ударот

Непосредно пред разрешувањето на Гешев, во стравот што ќе се случи по отстранувањето од неговата обвинителска функција, тој најави истраги против голем број политичари, вклучувајќи го и поранешниот премиер Бојко Борисов, како и други политичари и високи судии.

Имено, за првпат поранешниот главен обвинител на Бугарија се обрати на Фејсбук лајв. Но, овој пат, тој во живо ги најави плановите за основање нова политичка партија, односно ново движење, кое го нарече „Правда за Бугарија“. Според политичките коментатори, тоа е „првиот чекор за неговото влегување во политиката“.
– Гешев, кој еднаш се нарече себеси „инструмент во рацете на бога“ и беше разрешен од функцијата главен обвинител во јуни, пролета преку својот говор, не осврнувајќи се на годините протести и јавни негодување за неговото пријатно однесување со олигарсите и корумпираните политичари додека беше на функцијата и неговиот неуспех да ги истражи високите откупи. Овој обид за враќање во јавниот живот на Гешев толку брзо откако беше сменет од обвинител беше уште еден чуден момент бидејќи новата влада – која не крие дека тој не ѝ се допаѓа – имаше цел да ги исправи годините на стагнација и, како што се согласи, да се фокусира на елиминирање на корупцијата во своите редови, го опишува овој настан реномираниот медиум „Политико“.

Во втората половина од своето време на власт, Гешев се прокламираше себеси како италијанскиот судија Џовани Фалконе, кој беше убиен од мафијата. Гешев велеше дека тој и бугарскиот правосуден систем биле исто така нападнати од подземјето, олигарсите и корумпираните политичари.

Сепак, разрешувањето на Гешев ги натера „пратениците, академиците и поборниците за стриктно владеење на правото“ да сугерираат дека тоа може да биде клучен момент за Бугарија. Може да постигне напредок, тврдат тие, ако може да ги издржи двојните тестови на старите сојузи што ги креваат главите и политичките аспирации на Гешев.
– Она што е ново е дека политичките партии во статус кво сфатија дека е политички штетно за нив да продолжат да се спротивставуваат на судските реформи – рече Христо Иванов, поранешен министер за правда и колидер на Демократска Бугарија. П.Р.