Какви нови задачи за прием на Македонија крие европската папка - Фото: Игор Бансколиев

Брисел го направи преговарачкиот процес невозможна мисија

Хипокризија е Владата на ЕУ (Европската комисија) да говори за заслуги, а на Македонија да ѝ ги наметнува бугарските уцени во преговарачката рамка. Не може владеењето на правото, борбата со корупцијата и малцинските права да бидат второстепени за ЕУ во однос на вметнување на Бугарите во Уставот, додавање забелешки за македонскиот јазик и утврдување на целиот македонски историски наратив во согласност со желбите на Софија!? Произлегува дека во случајот со Македонија, под „заслуги“ ќе се сметаат обезличувањето на цел еден народ и бришењето на неговиот јазик, историја и култура, само за да се заслужи членството во ЕУ. Тука веќе не станува збор за заслуги, туку за уцени и ултиматуми

Во оној момент кога францускиот претседател Емануел Макрон го стави првото вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, во тој момент престанаа да важат европските критериуми за членство! Со тоа, секоја земја-членка на Унијата доби ексклузивно право да наметнува сопствени услови и правила, кои немаат никаква допирна точка со она што значеа Копенхашките критериуми!
Тоа целосно го доведе под прашалник кредибилитетот на самата ЕУ бидејќи ниту една земја-кандидатка сега буквално не знае по кои критериуми да се води, дали по оние утврдени на времето во Копенхаген или, пак, според новите правила што катадневно ги измислуваат европските лидери.
Ваквиот (не)европски пристап ги прави пристапните преговори како подвижна цел, кандидатите да не знаат кон што да се стремат, односно секогаш кога ќе постигнат една цел, да им се наметнува нова и така во недоглед.

ЕУ нема намера скоро да се шири, тоа е јасно како ден

Сето тоа недвосмислено упатува на основниот заклучок, дека ЕУ повеќе нема намера да се шири и дека комплицирањето на преговарачкиот процес е токму со таква намена, ниту една земја-кандидат да не знае што впрочем Брисел бара од неа и така преговорите да се одолжат во недоглед, за на крајот на сите да им дојде прекуглава и да се задоволат со некаков пристап до заедничкиот европски пазар и до Европската политичка заедница, која веќе ја добива својата вистинска форма како замена за полноправно членство во Унијата.

Лицемерно е Европа да продолжува и натаму да подгрева лажни надежи кај земјите-кандидатки и да бара од нив нови жртвувања, без да им понуди реална европска перспектива.

Во целата ситуација најголем губитник е Македонија, која 30 години постојано во име на приближувањето кон ЕУ прави некакви отстапки и жртвувања, за сега да биде доведена во ситуација одново да прави нови отстапки на штета на сопствениот идентитет, за некаква нереална европска иднина.

Иако неодамна портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант, изјави дека кога станува збор за проширувањето на Унијата тоа ќе се заснова на заслуги, реалноста покажува нешто сосема друго. Хипокризија е ЕК да говори за заслуги, а на Македонија да ѝ ги наметнува бугарските уцени во преговарачката рамка. Не може владеењето на правото, борбата со корупцијата и малцинските права, да бидат второстепени за ЕУ во однос на вметнување на Бугарите во Уставот, додавање забелешки за македонскиот јазик и утврдување на целиот македонски историски наратив во согласност со желбите на Софија. Произлегува дека во случајот со Македонија, под „заслуги“ ќе се сметаат обезличувањето на цел еден народ и бришењето на неговиот јазик, историја и култура, само за да се заслужи членството во ЕУ. Тука веќе не станува збор за заслуги, туку за уцени и ултиматуми.

Затоа никој не треба да има илузии дека ЕУ брзо ќе се шири и дека прозорецот е отворен сега и дека треба да се зграби моментот. Францускиот претседател со сите лажни ветувања што ги даде кон Македонија, барем е конзистентен во една работа и отворено го кажува тоа, дека проширување нема да има. Проблем се домашните политичари, кои и натаму ја убедуваат домашната јавност и трошат илјадници евра народни пари за кампањи преку кои ќе ги убедуваат граѓаните за придобивките од некакво фиктивно брзо членство до 2030 година, кое никој од другите балкански лидери не го гледа. Очигледно некој во оваа држава се прави намерно глув, свесно работејќи на тоа да ја стави сопствената држава во подредена улога кон друга соседна земја.

Никој повеќе не знае што, всушност, се европски критериуми!

Повеќе од јасно е дека ЕУ многу перфидно глуми дека турка процес на проширување само колку да го задржи сопственото влијание тука на Балканот, но истовремено преговарачкиот процес, конкретно на Македонија, го комплицира до таа мера да веќе земјава не знае дали преговара за влез во ЕУ или, пак, за влез во Бугарија.
Ако некој намерно ги турка критериумите од Копенхаген настрана и бара да се преговара за идентитет, јазик и историја, тогаш човек не треба да биде видовит за да увиди дека целиот процес оди во слеп колосек од кој нема излез.
– Копенхашките критериуми подразбираат демократија и владеење на правото, потоа човекови права и заштита на малцинствата, почитување на меѓународните обврски, функционална пазарна економија, способност да се преземат обврските од членството. Тоа е она за што треба Македонија да преговара и да го усогласува со ЕУ. Не може уставните измени и внесувањето бугарско малцинство во македонскиот устав, како и разговорите за историјата, за јазикот и слично да бидат наметнати како критериуми. А се наметнати сите овие работи во преговарачката рамка и Македонија буквално ќе ѝ биде заложник на Софија, иако треба да преговара со ЕУ – велат повеќе експерти за европски прашања со кои се консултиравме.

Тие немаат никаква дилема дека преговарачкиот процес намерно се комплицира само за да се држи настрана проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.
– Додека ЕУ не се реформира внатре, ако воопшто се реформира во скоро време, нема да прима нови членки. Затоа им дозволува на актуелните земји-членки да го обременуваат преговарачкиот процес со билатерални прашања. Најпрво тоа го правеше Грција, сега Бугарија. Да тргнеме од проста логика. Никој од европските челници не дава прецизна временска рамка кога би можело да се случи идното проширување. Годината 2030 доаѓа од нашите политичари тука, но реалноста е сосема поинаква. За Македонија да стане членка во ЕУ до 2030 година, треба Договорот за пристапување да го потпише до крајот на 2028 година, а потоа тој договор треба да биде ратификуван во парламентите на сите земји-членки. За да може пристапниот договор да биде потпишан до крајот на 2028 година, последното поглавје мора да биде затворено во јуни 2028 година. Ние сè уште немаме започнато со отворањето поглавја, а кога ќе започнеме, тогаш нема да бидат само поглавјата предмет на расправа, туку Грција ќе инсистира на трговските марки, на кратенките „мк“, Бугарија на Гоце Делчев, на македонскиот јазик, на македонскиот народ, едноставно сето она кон што тежнеат сто и повеќе години. Тука секоја земја ќе си вади свои критериуми, најмалку ќе се гледаат Копенхашките критериуми, оти колку ние и да ги исполниме, пак последниот збор треба да го кажат земјите-членки – истакнуваат нашите соговорници.

Македонија да се посвети на Копенхашките критериуми, а не на бугарските

Според нив, целиот процес намерно се усложнува бидејќи на тој начин ЕУ продолжува да го задржува влијанието во регионот, без да мора да понуди нешто за возврат.
– Тоа што ЕК најави средства од европските фондови за земјите од Западен Балкан говори дека ќе нè држат само како добри соседи и ништо повеќе. Свесни се дека овој празен простор е заобиколен од земји-членки на Унијата, поголем дел од граѓаните од овие земји работат низ Европа, така што нема простор за некои други влијанија. Максималниот дострел би бил членство во Европската политичка заедница како утешна награда. Тоа и онака го имаме, нема потреба од понатамошно обезличување и трпење уцени. Најмудро е во една ваква ситуација, на длабоко поделено општество, на нефункционални институции, на девастирачка корупција, да се свртиме кон себе и ние да си ги поставиме Копенхашките критериуми како наша цел, за да си изградиме нормална држава. ЕУ не може за тоа да ни забележи бидејќи Брисел ги наметнал тие критериуми по кои се зачлениле најголем дел од актуелните членки, така што нема што да ни приговара. Бугарските уцени за нас не треба да бидат дел од таа агенда и треба да си останеме на таа позиција, без оглед на сите притисоци – категорични се соговорниците чиј фокус се евроинтеграциите.

Универзитетската професорка Билјана Ванковска вели дека апсурдно е да се очекува брзо членство во Унијата и за тоа да се прават нови жртви.
– Градината не била подготвена, ѝ треба време да се среди за да прими нови „цвеќки“, ама пак некои треба да служат и како „жива ограда“. Не знам што уште треба да ни кажат за да сфатиме дека денешните млади ќе станат средовечни кога и ако ЕУ се проширува за вистински. Мојата прогноза дека ЕУ е неодржлива на подолг рок не е од денес. Само будали можат да веруваат дека ЕУ во криза и милитаризам, и МК во корупција и неспособност ќе се здружат. Само уште Уставот да го смениме … – пишува професорката Ванковска.