Секому од нас му се има случено, во текот на денот или ноќта, особено во есенскиот и во зимскиот период, да дојде до прекин на електрична енергија. Тие што се разбираат ќе одат до таблата со осигурувачи, ќе го сменат тој што е прегорен и завршена работа. Ако некој не се разбира, ќе оди до првиот комшија и ќе го замоли да помогне околу промената на осигурувачот.
Дури и кога снемува електрична енергија во поголем дел од градот, поради оптоварување на системот или од секакви други непогоди, природни или предизвикани од човечки фактор, и тогаш има кој да го реши проблемот. Надлежните институции ќе проверат каде дошло до куршлус или спој на електричните кабли, потоа ќе настапат стручни екипи што ги познаваат таквите проблеми, а си го знаат и занаетот, и повторно по завршена работа – оп, ќе блесне светлина.
Исто така, ако замислиме дека за мноштво граѓани или во целата држава (сега да влеземе во научна фантастика) од икс непознати причини би застанале сите сообраќајни средства – авиони, возови, автобуси, лесни возила, велосипеди, мотори, може и веспи, дури може и арабаџиски коли (според сообраќајните правила некои арабаџиски коли се регистрираат), ако дојде до таква неблагодарна состојба, во таков исклучителен случај може да кажеме дека државата е ставена во состојба на лер. Ништо не се движи, одозгора и темница. Во темница видливоста е никаква и во такви услови што ќе прават граѓаните?
Според правилата на научната фантастика ништо не можат да направат, едноставно им останува да чекаат. Ќе чекаат некој да ги поправи сите овие превозни помагала, може тоа да трае ден или два, важно дека има излез. Можно е професионални екипи да го направат тоа, може Господ Бог, може и природата, што се вели така дошло така и отишло. По евентуални такви настани може да речеме дека за кратко сме биле во темница, а кога ќе се раздени сѐ ќе биде ставено во движење и животот повторно ќе почне да се тркала по вообичаениот тек на секојдневието.
Насловот на ова писание не е темница туку темнина, а темнина е блиску до темница, но сепак има суштинска разлика. Ќе речеш луѓето со векови живееле во светлина од свеќи и ништо не им било. Додуша тие си знаеле како им било, сигурно не им било лесно. Важно имале решение и преживеале. Па каде е проблемот, ако тие преброделе такви пречки зошто и ние да не го направиме истото тоа?
Сите треба да се запрашаме како се случи нашава земја да се најде во темнина? Темнината најчесто е предизвикана од човечки фактор, во преносно значење темнина доаѓа од незнаење, од непросветеност, заостанатост, од алчност, ако сте неодговорна, дволична и корумпирана личност.
Темнина се случува ако општеството во кое дејствуваме и живееме се наоѓа во сите овие белези или карактеристики што ги споменавме, но пред сѐ отсуство на елементарна почит на одредена група од личности кон сопствениот народ, кон неговата историја, култура, традиција и јазик без разлика од која етничка или верска припадност доаѓаат граѓаните.
Во такви услови и во многу други се појавува темнина, која многу вешто поради нечии грешки ќе ве смести во нејзиниот темен простор и ќе се чувствувате како да се наоѓате во тунел без надеж, бидејќи излезот од него речиси секогаш е невидлив.
Во темнина и научната фантастика тешко може да помогне. Во темнина не може да видите предмети, не се препознаваат личности. Во такви услови владее царството на безредието и хаосот, состојба во која лесно се урива држава и се обезличува цел еден народ.
Темнина не се отстранува со земање фенер, ламба, палење свеќа или со замена на осигурувач. Причините зошто се случува темнина се комплицирани, но уште посложен е патот за нејзино отстранување.
Дали има решение? Треба да има, бидејќи многу личности и народи во одреден период од нивниот опстојба се нашле во таква темнина во каква се наоѓа сега нашава држава.
За излез од ваква состојба се потребни време, желба, знаење. Како прво и крајно неопходно се потребни темелно воспитание и едукација на човечкиот фактор, со што ќе се втемелат навиките за почитување на законот. Промена на партиските знаменосци, кои неодговорно се однесуваат кон државата и граѓаните во неа.
Ова може некому да му заличи на десетте заповеди на Мојсие, но така треба да биде ако сакаме излез. Понатаму, само неодговорни личности можеа и беа кадарни да ја доведат државата до финансиски колапс, кога повеќе троши отколку што произведува или има.
Сигурно државата не сакала самата да се смести во темнина или да се најде таму по препорака на научната фантастика! За драматичната состојба во која се наоѓаме одговорни и виновни се конкретни личности, кои од само ним познати причини нѐ доведоа до ваков статичен хаос.
Цената од последиците за секој направен погрешен потег не стасува веднаш, затоа ни се причинува дека го одбегнавме лошото. Не, тие си имаат свое време и ред, доаѓаат за наплата кога тие мислат дека треба да дојдат. Кој мислеше дека Договорот од Нивици ќе направи ваков сообраќаен и политички земјотрес? Зад Нивици стојат конкретни личности. Актерите ги знаеме, имаат име и презиме (смачено ми е да ги споменувам, куп пати сме ги прозвале).
Секој втор граѓанин од нашава земја е ставен во иреален притвор затоа што му е одземено правото на слободно движење надвор од границите на државата. Некои политички функционери, односно цела влада заборавила, намерно или случајно, дека Договорот од Нивици предвидува и смена на името на државата во сите лични документи.
Така, поради една проста и банална административна операција, стотици илјади граѓани станаа заробеници во сопствената држава, и тие граѓани што се наоѓаат надвор од државата не можат да се вратат дома, или ако се вратат никој не може да им каже дали ќе можат повторно да излезат.
Ова се последиците од Нивици, а никој не може да претпостави што нѐ очекува ако се исполнеа барањата на источниот сосед. Со вакви личности од сегашнава власт, кои поради нивното незнаење и непросветеност намерно или случајно со себе влечкаат темнина од која тешко се излегува. Дали во нашата земја, барем еднаш ќе имаме можност јавно, според законите и граѓанските права, да им кажеме, господа вие сте виновни што нѐ доведовте во ваква неблагодарна состојба?
На наредните избори, ние граѓаните ќе ја имаме таквата можност.