Здружението на пензионери во Битола е немоќно да го реши проблемот на пензионерите што сѐ уште немаат добиено огревни дрва за своите домови, иако огревното дрво одамна е платено, а платени се и дополнителни средства за покачувањето што го побараа превозниците
Превозниците во Битола и Битолско направија неред со доставата на огревните дрва за ранливата група граѓани
Тешкотиите со набавката на огревно дрво повторно се актуализираат периодов, по најавите за пад на температурите. Голем број граѓани што одамна ги нарачале и платиле потребните количества дрво за огрев и понатаму ја чекаат испораката.
– Не знам што да правам. Си делев од залакот навреме да набавам дрва. Платив, што би се рекло, дури и предвреме, но, еве, изминува и ноември, а јас сѐ уште ги немам добиено дрвата. Веќе не знам што да правам. Жал ми е за внучињата, кои постојано ме прашуваат кога ќе стигнат дрвата. Секојдневно се молам на господ да потрае ваквото топло време за да можам да истуркам уште некој ден додека ги добијам дрвата – вели пензионерката И.Г.
Таа со солзи во очите, како претставничка на поголема група пензионери, им се обрати на луѓето од Здружението на пензионери во Битола да „лобираат“ за да ѝ ги достават дрвата. За да биде иронијата поголема, и тие се немоќни да ѝ го решат проблемот не само на пензионерката И.Г. туку и на другите пензионери што сѐ уште немаат добиено дрва, иако тие се одамна платени, а платени се и дополнителни средства за покачувањето што го побараа превозниците.
Здружението на пензионери во Битола се кае што се нафатило да обезбеди огрев за своите членови
– Иако постојано ургираме и понекогаш буквално молиме да се стави ред во носењето на дрвата, за жал проблемот сѐ уште не е решен. Проблемот со недоставувањето на дрвата толку многу нѐ оптоварува, што во иднина прашање е дали воопшто ќе се нафатиме како здружение да им обезбедуваме дрва на пензионерите – велат од Здружението на пензионери од Битола и додаваат дека досега само на над 50 отсто на пензионерите им се однесени дрвата.
Слично размислуваат и некои поголеми фирми од Битола, кои на своите вработени преку синдикалните организации им обезбедуваа дрва, но, како и Здружението на пензионери, и тие постојано се условувани од превозниците за достава на дрвата. Тоа што загрижува е што без дрва се останати и голем број граѓани на Битола, кои по најавеното драстично поскапување на цената на струјата одлучиле годинава да се греат на дрва.
Слични сведочења постојано слушаат и во подрачната единица на „Национални шуми – Битола“, како и во други установи што со најдобри намери настојувале да им го решат проблемот со затоплување на своите вработени или граѓаните. Дознаваме дека за проблемот со доставата на дрвата биле информирани дури и во „Национални шуми“, а и други раководни структури во државата. Но, за жал, и тие се немоќни да ги принудат превозниците навреме да им ги доставуваат дрвата на луѓето.
Денес е речиси невозможна мисија да се дојде до огревни дрва.
– За разлика од минатите две години, кога ни останаа над 1.200 кубици дрва, оваа година побарувачката беше таква што можевме, наместо 10.000 кубици, колку што продадовме досега, да продадеме уште толку. Постојано доаѓаат граѓани што ни бараат дрва. Но, за жал, ние не можеме да им помогнеме, бидејки немаме повеќе дрва во резерва. Сите 10.000 кубици одамна ги продадовме – велат од подрачната единица на „Македонски шуми – Битола“.
Според нив, за разлика од ланската година, кога над 2.500 битолчани добија бесплатно инвертер-клими, кои чинеа по 1.000 евра, и кога исто толку граѓани се откажаа од греење на дрва и ги вратија во отпад печките, годинава побарувачката на дрва нагло се зголемила и, од мај, граѓаните на Битола масовно се преориентираа, наместо на струја, зимава да се греат на дрва.
– Минатата година Општината им подари над 2.500 инвертер-клими да се откажат од затоплување на дрва за да се намали загадувањето на воздухот и да се исчисти воздухот во градот под Пелистер, на стовариштето буквално ни останаа неколку стотини кубици дрва на кои не знаевме што да им правиме. Годинава битолчани се определија да се затоплуваат на дрва и затоа побарувачката на дрва се зголеми дури тројно – велат од подрачната единица на „Македонски шуми – Битола“.
Дрвото во Битола се бара како злато
Сега во Битола никој не прашува за цената на огревното дрво. Иако граѓаните не избираат ни начини ни средства да си обезбедат дрва, кои им се платени пред неколку месеци, сепак и тие и нивните врски се немоќни да го решат проблемот. Тоа што фрустрира е што проблемот со огревните дрва не можат да го решат ни најодговорните лица во „Македонски шуми“. Едноставно и тие ги креваат рамениците и велат дека клучот на решението за проблемот со достава на дрвата е во рацете на возачите. Тие се тие што одлучуваат кому и за колку време и пари ќе му ги однесат дрвата од тие што уплатиле.
Во меѓувреме, додека граѓаните очекуваат да им бидат доставени дрвата, возачите прават свои списоци на приоритет и за многу повисоки цени прекуред им ги препродаваат дрвата на други лица, кои достигнуваат цена и до над 6.000 денари. Уценувањата на возачите веќе ги премина сите граници.
– Најпрво по поскапувањето на нафтата, тие ги зголемија цените на превозот, па ни ги откажаа услугите и ни се заканија дека доколку не им ги покачиме услугите за превоз, тие нема да доставуваат дрва. Но и откако им ги признаваме повисоките трошоци, тие повторно уценуваа(т) и не ги доставуваа(т) дрвата по редоследот што им го доставуваме. Користејќи ја огромната побарувачка за огревни дрва што владее во моментот, тие речиси за двојно, па некогаш дури и тројно повисоки цени им ги препродаваат дрвата на други лица. Шверцувањето и препродавањето дрва во моментот стана еден од најдобрите бизниси за превозниците – велат од Здружението на пензионери, кои за проблемите со кои се соочуваат ги информирале сите надлежни институции во државата, па дури и Владата.
Настојувајќи да ја искористат ситуацијата, превозниците секојдневно ги менуваат правилата и им носат дрва само на тие што се подготвени да платат многу поскапо. Во бизнисот со огревни дрва, покрај превозниците, вклучени се голем број трговци, дрвокрадци и препродавачи, кои ја користат ситуацијата и едноставно се однесуваат како што им одговара.
Повторно дрвата пред инвертерите
Во спречувањето на шверцот на дрва, покрај шумската полиција, вклучена е и регуларната полиција, но, за жал, засега и тие се немоќни да стават ред во трговијата со огревни дрва. Иако во меѓувреме се фатени и казнети голем број дрвокрадци и шверцери на дрва, сепак ни тоа не ги одвраќа превозниците на црно да вршат трговија со дрвата.
А само до пред една година граѓаните беа (раз)убедувани дека треба да се откажат од греење на дрва, бидејќи со тоа го загадуваат воздухот, и во Битола над 2.500-те граѓани што добија инвертер-клими беа принудени да се откажат од печките на дрва и да ги однесат во отпад.
Иако некои го направија тоа и потпишаа изјави дека под морална и кривична одговорност ќе се откажат од греење на дрва, сепак сега и тие се вратија на греење на дрва, бидејќи топлењето на струја стана неисплатливо. Дали сега некој од службите на Општината ќе проверува на што се греат тие што бесплатно добија инвертер-клими, не знае ни локалната власт.
Но факт е дека годинава најголемиот број граѓани на Битола се откажаа од греењето на струја и одлучија да се топлат на дрва, а трговците на дрва и шумската мафија вешто го користат тоа.
Во меѓувреме, веќе никој во Битола на прашува и не зборува за тоа каков воздух дишеме и дали е тој загаден или не.