Фото: Фејсбук профил/ Стефан Андоновски

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека дијаспората треба да добие можност да гласа по електронски пат, најавувајќи дека со предложените измени на Изборниот законик целта е до 2029 година да се воспостави систем што ќе им овозможи на македонските државјани кои живеат во странство да го остварат своето избирачко право онлајн. Според него, ваквото решение е оправдано бидејќи дијаспората значително придонесува за македонската економија и не треба да биде принудена да патува илјадници километри за да гласа, пренесе МИА.

-Ова се луѓе што во Македонија годишно носат над една милијарда во дознаки, што значи дека ја поддржуваат македонската економија, ги поддржуваат своите сограѓани што живеат тука, дел од своите семејства, пријатели, отвораат сопствени бизниси. Имаме голема дијаспора, која има македонски пасоши и живее во странство и не е фер и не е остварување на уставното право да им се дозволи да гласаат исклучиво физички, а да патуваат по 5.000 или по 10.000 километри за да го остварат своето право на глас, и тоа двапати. Еднаш да се регистрираат, а вториот пат да го остварат своето право на глас – рече Андоновски.

Како што објасни министерот, предлогот предвидува со измените во Изборниот законик до 2029 година да се изгради систем што ќе им овозможи исклучиво на регистрираните македонски државјани со македонски пасош кои живеат во странство да гласаат онлајн.

-Ние имаме систем за дигитален идентитет, тоа е порталот „Услуги.гов.мк“, во кој сите граѓани се регистрираат со свои лични податоци. Еднаш верификуваме дека се тие, со нивна лична карта или пасош, така што веќе ги знаеме податоците за граѓаните. Не е никаков проблем да се доразвие системот во соработка со Државната изборна комисија за да се постигне условот и да се овозможи правото на граѓаните да го остварат своето избирачко право и да гласаат. Ако има политичка волја, секако дека е можно – рече Андоновски.

Тој посочи дека веќе две земји-членки на Европската Унија целосно го имплементирале системот за електронско гласање, додека уште четири држави тестирале пилот-решенија.

-Имаме доволно време за три години со напредокот на дигитализацијата, со нашата работа, да тестираме вакви можности за да го овозможиме ова право за нашата дијаспора – рече во Прилеп министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.