Поминаа 120 години од загинувањето на Гоце Делчев, кој во македонската национална меморија засекогаш останува запаметен како апостолот и срцето на револуционерна Македонија. За Гоце е пишувано и зборувано многу, но еден дел од неговата личност не е многу познат, а тоа е фактот дека тој, како воено лице според своето образование, бил еден од првите дејци што увиделе дека дотогашните неповрзани и несинхронизирани акции не можеле да се справат во отворена борба со османлиските вооружени сили. За успешно реализирање на ослободителната идеја бил потребен борбен механизам, способен да им се спротивстави на многубројните непријатели на македонското ослободително дело
Сто и дваесет години од смртта на македонскиот великан Гоце Делчев
Денес, 4 мај 2023 година, се одбележуваат 120 години од смртта на македонскиот великан Гоце Делчев, кој свој живот го посвети за слободата, националното и државното ослободување на македонскиот народ. Следствено, во македонската националната меморија останува запаметен како апостолот и срцето на револуционерна Македонија. Но за пошироката јавност останува непознаницата дека Делчев бил главен инспектор на т.н. Четнички институт, односно главен инспектор или врховен инспектор на сите вооружени чети на Македонската револуционерна организација (МРО). Истовремено е творец на првите организациски и агитациски чети, но и воспитувач на првите организациски војводи. Во текот на неговата децениска револуционерна активност презел големи обиколки на Македонија, во чиј тек ги зацврстувал и разгранувал четите.
Историските извори недвосмислено потврдуваат дека Делчев имал најголем авторитет кај четите и војводите, а во негова надлежност било и поведението на војводите или четниците (комитите). Делчев заедно со Ѓорче Петров е творец и на Правилникот за четите на МРО во кои биле регулирани правата, задачите и обврските на вооружените организациски чети. По неговата смрт, во македонското револуционерно движење не постоела личност што имала авторитет да го замени, оттука функцијата главен инспектор замрела. Делчев како главен инспектор има извонредна улога во изградбата на Четничкиот институт, односно на воената структура на Македонската револуционерна организација. Токму организациските чети ја популаризирале ослободителната идеја и ги засилиле авторитетот и влијанието на МРО кај македонскиот народ. Во еден мемоар издаден од самата револуционерна организација се вели дека со Четничкиот институт започнал периодот на бурната револуција, а Македонската револуционерна организација станала држава во држава, која не го признавала авторитетот на Османлиската Империја.
Потребата од четнички институт
Гоце Делчев како воено лице бил еден од првите дејци што увиделе дека дотогашните терористички групи не можеле да се справат во отворена борба со османлиските вооружени сили. За успешно реализирање на ослободителната идеја бил потребен борбен механизам, способен да им се спротивстави на многубројните непријатели на македонското ослободително дело. Затоа се појавила и потребата од создавање четнички институт. Првиот сериозен чекор во овој правец бил преземен од Делчев во април 1898 година. За да се отстранат последиците од Виничката афера, Гоце испратил во Македонија три вооружени илегални групи. Ефрем Чучков бил определен за Малешевско, Тодор Станков за Радовишко и Стојан Георгиев за Струмичко. Овие групи биле предвесници на големата борбена трансформација на МРО.
Првата чета, која со право го носи епитетот агитациска и организациска, била четата на Михаил Апостолов-Попето (подофицер во бугарската армија, учесник во македонското револуционерно движење, член, војвода и прв инструктор на Четничкиот институт). Попето и неговата чета ги спроведувала наредбите на Гоце, всушност Делчев е човекот што го довел Попето во Македонија за потребите на МРО. Главната грижа околу оформувањето и разгрнувањето на Четничкиот институт ја презел Делчев. Задграничното претставништво (Гоце Делчев и Ѓорче Петров) ја изработило правната регулатива за посочениот институт, издавајќи во 1900 година Правилник за четите на МРО.
Историчарот Димитар Димески истакнува дека создавањето на Четничкиот институт е неразделно поврзано со името на Гоце. Димески истакнува дека тој како ревизор (инспектор) на вооружените сили на организацијата стекнал редок углед и израснал во неприкосновен авторитет. Најважните организациски борбени кадри од овој период израснале под закрила на Делчев.
Четничките школи одиграле голема улога за разгранување на Четничкиот институт. Во тоа посебна улога имале блиските Гоцеви соработници: Михаил Апостолов-Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев, Марко Лерински, Никола Петров Русински и др.
– Делчев, од вклучувањето во организацијата до смртта, ја обиколувал Македонија. Притоа, не го спречувало ни нарушеното здравје, проследено со силни стомачни болки. Секаде каде што престојувал, Гоце оставал светли траги, влевајќи свежина, оптимизам и нескршлива верба во успехот на македонската ослободителна кауза. Оттаму, неговото име многу лесно прераснало во легенда – посочува Димитар Димески во своето дело посветено на Гоце Делчев.
Со текот на времето четите ги надраснале одредбите на Правилникот од 1900 година, претворајќи се во стожер на револуционерното движење. Со нивната појава доаѓа до масовно навлегување на селското население во организацијата. На тој начин, од пропагандна и градска, таа се претворила во масовна, селска и борбена. Постепено, околиските чети станале крупни артерии во организацискиот крвоток. Со создавањето т.н. селска милиција дошло до вистинско масовизирање на борбените сили на МРО. Кон крајот на предилинденскиот период, организацијата презела улога на паралелна власт и станала, фактички, држава во држава. Димески вели дека Гоце Делчев имал неизмерна заслуга за тоа.
Задачи на револуционерните чети
Основната задача на четите била да вршат организаторско-пропагандна работа по селата, да избегнуваат судири со турските власти. Борбата требало да ја води народот, четите всушност биле орудие, инструмент на МРО, инструмент преку кој народот се учел и подготвувал за идното востание. Туше Влахов (бугарски историчар, публицист и професор на Софискиот универзитет, дописен член на Бугарската академија на науките) вели дека благодарение на Внатрешната организација, односно преку четите, селаните повеќе не биле плашлива раја.
– Тие знаеја да си ги заштитат првата и интересите. Каде затскриено, каде посмело, тие им се спротивставија на експлоататорите и насилниците. Исполничарите наоѓаа семожни начини да не им даваат се на земјовладетелите, кои по правило беа должни да го дадат. Организацијата ги направила луѓето похрабри, а понекогаш и дрски. Деновите на словенските апостоли продолжиле да се одбележуваат особено свечено. Бунтовничките песни се пееле со воодушевување и истакната тенденциозност. Пораснатото боречко сознание се гледало во фактот што, ако не сите, многумина граѓани престанале да го поздравуваат кајмакамот со поклонување и доближување на десната рака до челото или срцето кога тој минувал низ градот – нагласува Влахов.
Во еден мемоар издаден од Македонската револуционерна организација се вели дека бил потребен неранлив оклоп, а таков оклоп биле револуционерните чети. Организираните чети на тајната револуционерна организација требало да го закрепнат започнатото дело од ударите на османлиската власт и да создадат услови за негово успешно продолжување. Главната задача на четите била да го спасат ослободителното дело од погубувањето подготвено од османлиската власт. Со револуционерните чети, Внатрешната организација ја напуштила својата тивка и бесшумна пропагандна и организаторска дејност, со што започнал периодот на бурната револуција. На четите, покрај главната задача да бидат дополнителен дел од организацијата, им се наложиле и други задачи. Тие биле: да се пропагира меѓу населението идејата за слобода, да се организира, да се дисциплинира, раководи, вооружи и подготви тоа население за воена борба, да се парализираат и пресретнат непријателските удари, да се казнат предавниците и истребат разбојниците и на крајот да го предводат населението во оружената борба – се мисли на востанието. Со создавањето на тој дополнителен институт, Внатрешната организација станала држава во држава, се нагласува во споменатиот мемоар.
Делчев имал најголем авторитет кај војводите и комитите
Историските извори недвосмислено потврдуваат дека Гоце Делчев имал најголем авторитет кај четите и војводите, а во негова надлежност било и поведението на војводите или четниците (комитите). Неколку документи и сведоштва посочуваат дека Гоце го изградил авторитетот со својата пожртвуваност и дела. Ѓорче Петров, еден од неговите најблиски соработници, вели дека Гоце имал голема слабост кон поединечните појави на самостојност, а со својот пример имал крупни заслуги за организацијата.
– При создавањето кадри од такви поединци, неговата заслуга за организацијата беше огромна. Во тој однос беше незаменлив. Неговото влијание во тој однос врз работниците го одразуваа духот и внатрешната сила на самиот автор. Гоце, самоуверен во исполнувањето на својот долг, имаше огромно влијание. Гоце беше голем почитувач на личното јунаштво, зошто и тој самиот беше таков и тоа го докажуваше со жив пример. Тој не запираше пред вистинската смрт, која би можела да се избегне. Никој, никаде и никогаш не забележал кај него белези на страв или збрканост во случај на средба со потери или кога му јавувале дека претстои некоја опасност. Своето презирање на смртта кај него беше нешто природно и неизвештачено, тоа се примаше како едно душевно чувство што беше неразделно од неговата природа – посочува Ѓорче Петров.
Според него, ваквото влијание на тој правец било огромно и многу значајно кога ги правел многубројните посети на четите.
– Делчев секогаш ја ставаше на чело единката што имаше колективна целина. Една од неговите основни задачи во неговите агитации беше да создаде такви типови што ќе го подигнат духот на луѓето за поединечна работа и борба, за лична иницијатива. Тој работеше и создаваше поединечни сили, кои се вткајуваа во организацискиот морал и во создавањето кадри од таквите сили, кои ќе бидат можен придвижувач на делото – вели Ѓорче Петров.
Правилникот за четите на Македонската револуционерна организација
Гоце Делчев и Ѓорче Петров како задгранични претставници на Централниот комитет во Софија, врз основа на членот 11 од уставот на организацијата и окружниот ЦК од октомври 1898 година, го изработиле Правилникот за четите на Македонската револуционерна организација.
Правилникот се состоел од 47 члена, поделени во 5 глави. Првата глава не била нумерирана и на свој начин претставувала преамбула. Во Втората глава се регулирани: а) агитацијата, б) организацијата, в) извршените задачи г) крајните задачи на четата. Третата глава се однесува на општите правила за четата. Во Четвртата глава се регулирани односите помеѓу комитетот и четата. Петата глава ги регулира составот и внатрешниот ред на четите.
Во Првата глава се вели дека „во секој револуционерен реон се утврдува по една чета, која е неразделен дел на организацијата. Таа се движи тајно во реонот по потреби на делото и по распоред на месниот комитет.“ Во Втората глава конкретно се вели: членот 1. Четата како дополнителен дел на месната организација ги разјаснува и шири меѓу населението идејата, целта и задачата на Организацијата, определени во нејзиниот устав и правилник; членот 3. Четата треба да влијае морално кај населението во корист на идејата за самовооружување, членот 5. Четата е должна да го обучува населението во воен поглед; членот 6. Четата е должна да се грижи за вооружувањето на населението; членот 7. Четата е должна да му помага на месниот комитет при насилно собирање пари за потребите на делото; членот 8. По наредба на Комитетот, четата ги исполнува смртните казни; членот 9. Четата е должна да ги прогонува разбојниците независно од нивната вера и национална припадност. Истовремено таа ги преследува сите други чети на својата територија што не припаѓаат на ТМОРО, членот 10. Четата не смее да прави никакви политички обири и грабежи во името на ослободителното дело, членот 11. Четата како вооружена јатка на повик на ЦК треба прва да го крене и развее знамето на востанието.