Фото: „Нова Македонија“

Бугарскиот премиер Росен Жељазков на средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, искажал поддршка за проширувањето на ЕУ, но според принципот на сопствени заслуги, односно исполнети обврски, пренесува БТА.

Жељазков по средбата со Кошта во Стразбур, изјави дека разговарале за важни прашања поврзани со агендата на ЕУ во однос на проширувањето.

– Го потврдивме нашиот став, кој се однесува на земјите од Западен Балкан – дека се придржуваме до принципот на сопствени заслуги, како што повеќепати и постојано кажуваме – истакна новиот бугарски премиер.

Претседателот на Бугарија Румен Радев, пак, во телефонски разговор со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изразил надеж дека „државниот врв на Република Северна Македонија наскоро ќе покаже политичка волја за спроведување на европскиот консензус од 2022 година и со тоа ќе го отвори патот на земјата кон преговори за полноправно членство во ЕУ“.

Радев и Лајчак разговарале за аспектите на евроинтегративниот процес на земјите од регионот. Тие го истакнале приоритетното значење што Европската комисија и го придава на темата за проширување на ЕУ, што му овозможува на Западен Балкан да постигне напредок во исполнувањето на критериумите за членство, соопшти кабинетот на Радев.

Бугарскиот претседател изразил благодарност за напорите на Лајчак за европската интеграција на земјите од Западен Балкан и ја истакнал неговата објективна проценка за различните проблеми во регионот и конструктивниот пристап за нивно решавање.