Фото: ЕПА

Колку чини една „минимална НАТО-тревога“ на источните граници на Алијансата

  • Повод за овој кус аналитички осврт е тревогата на источните граници на НАТО во која два британски борбени авиона „тајфун“ на РАФ беа подигнати од база во Романија изминатиов викенд, поради „закана од руски беспилотни летала во близината на воздушниот простор на НАТО“. Според објавата на „Гардијан“, повикувајќи се на британски и романски извори, „тајфуните“ не отвориле оган. Според „Гардијан“, авионите полетале околу 2 часот наутро откако радарските системи откриле повеќе воздушни цели во близината на областа Рени во Украина, недалеку од романската граница. Романските власти потврдија дека „тајфуните“ воспоставиле радарски контакт со беспилотни летала и имале дозвола да дејствуваат доколку дроновите влезат во романскиот воздушен простор. Британски одбранбени извори изјавија за „Гардијан“ дека борбените авиони на РАФ во ниту еден момент не влегле во украинскиот воздушен простор, негирајќи ги претходните тврдења дека британските авиони наводно собориле руски беспилотни летала над Украина. Оваа ситуација не е прва, таа е една од многуте поради кои во текстот што следува ќе се осврнеме на еден интересен аспект, а тоа е: колку всушност чини подигнувањето на борбениот авион „еурофајтер тајфун“, на „Ројал ер форс“ (РАФ), во споредба со подигањето евтини беспилотни летала и нивното производство. И второ, дали НАТО навистина предимензионира и со своите реакции „пука со топ комарец“, односно троши премногу пари за ваков вид реакции?

Скапа безбедност или стратегиска нужност?

Кога „тајфунот“ лови сенки…

Во ноќта кога радарите на НАТО забележаа воздушни цели во близината на романско-украинската граница, од базата во Романија беа подигнати два британски „тајфуна“. Како што објави реномираниот британски весник „Гардијан“, тие не отвориле оган, ниту пак влегле во украинскиот воздушен простор. Мисијата останала во рамките на надзор и одвраќање. Но токму тука се отвора едно суштинско прашање: колку чини ваквата реакција и дали е економски оправдана?

Цената на една „НАТО-тревога“?

Оперативниот трошок на еден „еурофајтер тајфун“ се проценува на 15.000-20.000 евра по час лет (апроксимативна минималистичка европска процена, во зависност од конфигурацијата и мисијата).
– Една релативно кратка мисија, односно полетување, па пресретнување или патрола во траење од еден час до час и половина и да земеме дека се кренати два авиона, како во оваа мисија на „тревога“, би чинела апроксимативно од 40.000 до 60.000 евра за една интервенција – велат експертите со кои се консултиравме, додавајќи дека во оваа процена не се вкалкулирани чинењата на логистиката (персонал, одржување, бази), амортизацијата на авионот, односно трошоците за постојана борбена готовност…
Реалната „системска цена“ на ваков одговор може лесно да надмине 100.000 евра за една ноќна акција, тврдат нашите соговорници.
Од другата страна се беспилотните летала најчесто руски „шахед“ (ирански дизајн) или слични камикаѕе-дронови што чинат до 20.000 евра по дрон, а некои импровизирани модели дури и под 10.000 евра.
Тоа значи дека еден час лет на „тајфун“ чини многу повеќе, а дури и пет пати повеќе од произведен дрон, истакнуваат експертите и ја подвлекуваат асиметричноста на чинењето на воената „акција“ и „реакција“ од другата страна.
– Тука се појавува класичниот проблем на модерното војување, а тоа се „евтини закани наспроти екстремно скапи одбранбени системи“. Во практична смисла, НАТО троши десетици илјади евра за да одговори на потенцијална закана што можеби чини десет пати помалку дури и кога нема директен контакт или пресретнување – велат соговорниците.

Зошто сепак се креваат „тајфуните“?

Според нашите соговорници, и покрај очигледната финансиска нерамнотежа, ваквите мисии имаат логика. Тоа е еден безбедносен резон што е малку поразличен од обичната економска логика.
– Логиката на полетувањето на „тајфуните“ има неколку елементи за потпора. Прво, тоа е одбрана на воздушен суверенитет. НАТО не може да си дозволи игнорирање објекти близу границите – дури и ако се мали дронови. Второ, тоа е логика на превенција на ескалација. Имено, брза реакција значи контрола. Недејствувањето може да изгледа како слабост. Трето, овде постои непозната закана, а радарот не секогаш веднаш разликува што е дрон, а што ракета или авион…
Ризикот од погрешна процена е преголем. И четврто, станува збор за еден психолошки ефект. Тоа значи дека кренатите борбени авиони и присуството на борбени авиони испраќаат сигнал, и тоа не само до потенцијалниот противник туку и до своите сојузници – објаснуваат експертите.

Критичка перспектива

Сепак, критиката не е без основа. Во ера на масовно производство на евтини дронови, „роеви“ беспилотни летала и асиметрично војување, традиционалните воздушни сили стануваат финансиски неефикасен одговор на нискобуџетни закани.
Неколку експерти веќе предупредуваат дека користење ловци за дронови е „економски неодржливо“ и дека се потребни поевтини алтернативи (ПВО-системи, ласери, електронско попречување).
Инцидентот над Романија не е само воена вест туку пример за поширок тренд. Имено, модерната безбедност станува сè поскапа, додека заканите стануваат сè поевтини.
– Можеби на прв поглед изгледа како НАТО да пука „со топ на комарец“. Но од друга страна, во свет каде што една погрешна процена може да доведе до поширок конфликт, понекогаш и најскапата реакција е поевтина од последиците на неакцијата – објаснуваат нашите соговорници, експерти од областа на воената одбрана и безбедност.
Сепак, прашањето што останува е колку долго може да се одржува ваквиот модел, финансиски и стратегиски?


Колку чинат ПВО и електронските системи и дали се поисплатлива алтернатива од кревање на еден „еурофајтер тајфун“?

Во споредба со скапите летачки часови на борбените авиони, современата одбрана сè повеќе се потпира на две клучни алатки. Прво, противвоздушна одбрана и второ, електронско војување. На хартија, тие изгледаат како поевтино решение, но реалноста е нијансирана.

Колку чини ПВО?

Современите системи како „патриот“ или НАСАМС имаат висока почетна цена, но различни оперативни трошоци. Една ракета од „патриот“ сега чини од два до четири милиони евра. Натаму, една ракета од НАСАМС чини од 400 илјади до еден милион евра. Затоа, едноставниот заклучок е дека соборување евтин дрон од 20 до 50 илјади евра со ракета вредна стотици илјади или милиони евра повторно ја отвора истата дилема: скапа одбрана против евтина закана.

Електронското војување е најевтиниот одговор?

Според нашите соговорници, современите системи за електронско попречување имаат сосема поинаква економија.
– Откога ќе се набават, системите за електронско попречување имаат цена по „дејство“, односно често минимална (струја, одржување), а голем ефект како што е прекинување на ГПС-сигналот, губење контрола на дронот и принудно паѓање. Тоа значи дека неутрализирање дрон може да чини само неколку стотици евра или помалку – велат соговорниците.

Каде е вистинската заштеда?

Според соговорниците, во идеални услови еден „еурофајтер тајфун“ чини 30.000-60.000 евра по мисија. Една ПВО-ракета чини од 400.000 до 4.000.000 евра по цел, а електронско војување, поточно одбрана, чини од десетици до стотици евра по интервенција. Но ако најевтиното решение е електронското војување, тогаш мора да се нагласи и предноста на другите. Имено, најпрецизни и сигурни се ПВО-системите, а најфлексибилни (но скапи) се борбените авиони, велат соговорниците, додавајќи дека ако важи народната „на комарец пукаат со топ“, тогаш електронското војување е како да го оттурнеш комарецот со рака – речиси бесплатно. Но проблемот е што не секој „комарец“ е безопасен. Некои носат експлозив, некои се отпорни на попречување, а некои воопшто не можат да се неутрализираат без физичко уништување, додаваат експертите, нагласувајќи за крај дека токму затоа модерната одбрана не избира едно решение туку комбинира.
– Евтино кога може, скапо кога мора – поентираат воените експерти. Р.С.